Романија ќе им дава таблети со јод на граѓаните заради војната во Украина
Романија започнува кампања за информирање на своите граѓани за тоа како да складираат и земаат таблети со јод во случај на нуклеарен инцидент, додека руската офанзива во соседна Украина продолжува.
„Во моментов, не постои никаква опасност поради која е неопходно да се земаат овие таблети“, се вели во денешното соопштение на романското Министерство за здравство.
Земјата одлучи да обезбеди таблети со јод за сите луѓе помлади од 40 години од средината на април. Како подготовка, од понеделник, Министерството ќе започне кампања за информирање на јавноста, вклучувајќи ги советувањето на луѓето за тоа како да преземат превентивни мерки за да се избегне изложување на радијација.
Иако експлицитно не ја спомнува потенцијалната закана предизвикана од руската инвазија на Украина, Романија се граничи со земјата опустошена од војна каде, до неодамна, руските трупи ја контролираа најголемата нуклеарна централа во Европа и оштетената локација на Чернобил. Русија има и арсенал на нуклеарно оружје, а Украина има пет нуклеарки.
Политиката на Романија ќе се усогласи со онаа на Финска, Бугарија, Белгија и други кои извесно време обезбедуваат бесплатни таблети со јод за граѓаните, при што некои земји пријавиле брзање со апчињата по инвазијата на Русија.
Во случај на нуклеарен инцидент, радиоактивен јод може да се распрсне во воздухот. Сè што се вдишува или проголта се апсорбира од тироидната жлезда, што доведува до рак на тироидната жлезда. Таблетите со јод можат да ја блокираат таа апсорпција и да го намалат ризикот од рак.
Во својата најнова проценка за ризиците, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во саботата објави дека Украина ја „анализира можноста“ за обновување на контролата врз нуклеарната централа во Чорнобил, откако руските сили се повлекоа од локацијата по петнеделната окупација.
Руската војска продолжува да ја контролира нуклеарната централа Запорожје, на југот на земјата, откако го зазеде огромниот објект на 4 март.