Роман Абрамович: Како миленикот на Елцин и послушникот на Путин стигна до милиони преку корупција, интриги и измами

Истрагата на Би-Би-Си откри нови докази за коруптивните зделки што го направија богатството на Роман Абрамович


 

Сопственикот на Челси заработи милијарди откако купи нафтена компанија од руската влада на наместена аукција во 1995 година. Според Би-Би-Си, Роман Абрамович платил околу 250 милиони долари за „Сибнефт“, пред да ѝ го врати на руската влада за 13 милијарди долари во 2005 година.

Неговите адвокати велат дека нема основа да се тврди дека стекнал многу големо богатство со криминал. Рускиот милијардер минатата недела беше санкциониран од британската влада поради неговите врски со рускиот претседател Владимир Путин. Беше замрзнат имотот на Роман Абрамович и беше дисквалификуван од позицијата директор на фудбалскиот клуб Челзи. Рускиот милијардер веќе призна пред судот во Велика Британија дека прибегнувал кон корупција и мито за да помогне во започнувањето на бизнисот со „Сибнефт“.

Тој беше тужен во Лондон од неговиот поранешен деловен соработник Борис Березовски во 2012 година. Абрамович го доби случајот, но пред судот опиша како оригиналната аукција на „Сибнефт“ била наместена во негова корист и како тој му дал на Березовски 10 милиони долари за да му ги исплати на службеник во Кремљ.

Би-Би-Си Панорама дојде до документ за кој се смета дека е прошверцуван од Русија. Информацијата дојде од доверлив извор, кој вели дека тие биле тајно копирани од досието за Абрамович од страна на руските органи за спроведување на законот.

Според Би-Би-Си, тие не можеле да го потврдат, но по проверка со други извори во Русија, наводно добиле потврда за многу детали во документот од пет страници.

Измама во дослух со државата

Во документот се вели дека руската влада била измамена со 2,7 милијарди долари во договорот со „Сибнефт“ – тврдење поддржано од руската парламентарна истрага од 1997 година. Во документот се наведува и дека руските власти сакале да го обвинат Абрамович за измама.
Во него се вели: „Истражителите од Одделот за економски криминал дојдоа до заклучок дека Абрамович би се соочил со обвинение за измама, доколку може да биде изведен пред судење… на организирана криминална група“.

Би-Би-Си Панорама“ влезе во трага на поранешниот руски главен обвинител, кој го истражуваше договорот во 1990-тите. Јуриј Скуратов не знаел за тајниот документ, но самостојно потврдил многу детали за продажбата на „Сибнефт“.

Скуратов изјави за програмата: „Во суштина, тоа беше лажна шема, каде што оние кои беа вклучени во приватизацијата формираа криминална група која им дозволи на Абрамович и Березовски да ја измамат владата и да не ги платат парите колку што оваа компанија навистина вреди“.

Во документот се наведува и дека Абрамович бил заштитен од поранешниот руски претседател Борис Елцин. Во него се вели дека досиејата на органот за спроведување на законот за Абрамович се префрлени во Кремљ и дека истрагата на Скуратов е запрена од претседателот. Во документот се вели: „Скуратов подготвуваше кривично дело за конфискација на ‘Сибнефт’ врз основа на истрагата за неговата приватизација. Истрагата беше прекината од претседателот Елцин… Скуратов беше разрешен од должноста“.

Спакуван скандал за обвинителот

Скуратов беше отпуштен откако во 1999 година беше објавено наводно експлицитно видео. Тој вели дека тоа било наместена афера за да се дискредитира тој и неговата истрага.
„Целата работа беше очигледно политичка, бидејќи во моите истраги дојдов многу блиску до семејството на Борис Елцин, вклучително и оваа истрага за приватизацијата на ‘Сибнефт’“.
Абрамович остана во најтесниот круг на Кремљ кога Владимир Путин дојде на власт во 2000 година. Документот содржи детали за уште една наместена аукција две години подоцна, на која учествуваше руската нафтена компанија „Славнефт“. Абрамович влезе во партнерство со друга компанија за да го купи „Славнефт“, но конкурентна кинеска компанија планираше да понуди речиси двојно повеќе.

 

Многу моќни луѓе – од Кремљ до рускиот парламент – би изгубиле доколку Кинезите ја добиеле аукцијата. Во документот се наведува дека еден член на кинеската делегација бил киднапиран кога пристигнал во Москва на аукцијата.

„CNPC, кинеска компанија, многу силен конкурент, мораше да се повлече од аукцијата откако еден од нејзините претставници беше киднапиран по пристигнувањето на московскиот аеродром и беше ослободен дури откако компанијата соопшти дека се повлекува“.

Приказната за киднапирањето е потврдена од независни извори кои не знаеле за документот.
Владимир Милов беше руски заменик-министер за енергетика пред продажбата на „Славнефт“. Тој не ја коментираше приказната за киднапирањето, но рече дека високи политички фигури веќе одлучиле дека партнерството на Абрамович ќе победи на аукцијата.

„Реков, видете, Кинезите сакаат да влезат и сакаат да платат многу повисока цена. Тие велат дека не е важно, молчи, не ти е гајле. Веќе е решено. ‘Славнефт’ оди кај Абрамович. Кинезите некако ќе се извлечат“.

Нема индикации дека Абрамович знаел нешто за заговорот за киднапирање или дека имал некаква улога во него. Неговите адвокати изјавија за Би-Би-Си дека тврдењето за киднапирање е „целосно неосновано“ и дека тој „нема сознанија за таков инцидент“. Различни фракции се бореа за контрола на „Славнефт“, а противењето на кандидатурата на Кина беше широко распространето.

Без оглед на причината за повлекувањето на Кинезите, партнерството на Абрамович беше единствената понуда што остана на маса. И го купија „Славнефт“ по ниска цена. Адвокатите на Абрамович велат дека обвинувањата за корупција во аферите на „Славнефт“ и „Сибнефт“ се лажни, а тој негира дека бил заштитен од Елцин.