Рок иконата се повлекува од музичката сцена: „Ве сакам од се срце. Збогум“
Дејвид Ковердејл, легендарниот фронтмен на Whitesnake и Deep Purple, го објави своето повлекување од музичката сцена на 74-годишна возраст. По повеќе од половина век кариера, рок иконата се збогува со своите обожаватели со емотивна порака.
„Време е да се повлечам“
Во видео објавено на YouTube во четврток, кое содржи монтажа од сценски спомени и ремикс на песната Forevermore, Ковердејл ја објасни својата одлука. „Во текот на последните неколку години, ми стана многу јасно дека е навистина време да ги закачам моите рокенрол чевли со платформа и моите тесни фармерки“, рече британскиот рокер.
„Им се заблагодарувам на сите што ми помогнаа и ме поддржаа на ова неверојатно патување: сите музичари, екипата, обожавателите, семејството. Неверојатно е. Но, навистина е време да уживам во моето пензионирање и се надевам дека ќе можете да го цените тоа“, рече тој, заклучувајќи: „Уште еднаш, ве сакам од се срце. Збогум“.
Од Дип Парпл до светска слава
Ковердејл го основа Вајтснејк откако беше главен вокал на иконскиот Дип Парпл од 1973 до 1976 година. Иако бендот постигна успех во Велика Британија и Европа, нивниот пробив на американскиот пазар се случи во 1987 година со два мега хита – баладата „Is This Love“, која достигна второ место на листата „Billboard Hot 100“, и рок химната „Here I Go Again“, која достигна прво место.
Актерката Џули Тони Китен, која стана негова втора сопруга во 1989 година, се појави во двата видеа. Двојката се разведе две години подоцна. Китен почина во 2021 година на 59-годишна возраст од срцеви проблеми.
Здравствени битки и поддршка од семејството
Ковердејл не бил на турнеја со Вајтснејк од 2022 година, кога се бореше со она што го опиша како „најлошата синусна инфекција што некогаш ја имал во животот“. Музичарот беше примен во Рокенрол куќата на славните во 2016 година како член на Дип Парпл.
Одлуката за пензионирање ја поддржа неговата трета сопруга Синди, со која е во брак 35 години. „Толку сум горда на тебе, душо! Даде толку многу од себе, толку слободно и со толку многу љубов и грижа. Сега можеш да правиш што сакаш!“, напиша таа на социјалните мрежи.
Нивниот 29-годишен син Џаспер, исто така, се огласи со трогателна порака. „Не познавам поголем човек, ниту подобар татко… Да живее Дејвид Ковердејл – татко, сопруг, раскажувач, воин, уметник… херој. Браво, тато, за илјада илјади добро завршени работи. Нека историјата засекогаш те прослави.“ Ковердејл, кој стана американски државјанин во 2007 година, има и 47-годишна ќерка, Џесика, од првиот брак со Џулија Борковски.
