Родригез останува в.д. претседателка на Венецуела по истекот на 90-дневниот мандат


Делси Родригез останува вршителка на должноста претседателка на Венецуела откако денеска истече нејзиниот 90-дневен мандат на функцијата, поставен од Врховниот суд на земјата, по соборувањето и апсењето на Николас Мадуро од страна на САД во јануари.

Меѓутоа, не е познато колку долго таа ќе биде уште на функцијата, бидејќи пратениците сè уште јавно не гласале за продолжување на нејзиниот мандат откако рокот за тоа истече во петокот.

Според судската одлука, Мадуро е сè уште официјален претседател на Венецуела, а неговото „присилно“ отсуство е резултат на „киднапирање“, па затоа тој е привремено неспособен да ги извршува своите должности.

Според Уставот на оваа јужноамериканска земја, потпретседателот може, во случај на привремено отсуство на претседателот, да ја извршува својата функција до 90 дена. Тој привремен статус може да го продолжи парламентот за уште 90 дена.

Парламентот, контролиран од партијата предводена од Родригез, може да распише предвремени избори доколку пратениците утврдат дека местото претседател е трајно испразнето.