Родителите од Кочани незадоволни од отстранувањето на обвинителката Трајчева и бараат да биде вратена на случајот „Пулс“
На денешниот 39. „Марш на ангелите“ во Кочани, семејствата на загинатите го искажаа своето незадоволство откако вчера Советот на јавни обвинители не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ивана Алексова Трајчева, која ги водеше трите предмети против против полицајците обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“, и побараа нејзино враќање на случајот.
-Обвинителката Трајчева веќе работеше на случајот подолг период и е запознаена со сите негови аспекти. Во интерес на правдата, континуитетот и ефикасноста, сметаме дека нејзиното отстранување од предметот не е во корист на постапката. Советот на јавни обвинители се повикување на „правична застапеност“ за одредени членови на кои им го продолжува мандатот , додека на обвинителката Трајчева ѝ се ускратува да продолжи со предметот кој сама го водеше, ова отвора сериозно прашање: дали формата се става пред суштината — правдата? Затоа, јасно и гласно бараме: обвинителката да биде вратена на случајот. Ова не е прашање на поединец. Ова е прашање на систем и одговорност. 63 изгубени животи не смеат да станат предмет на административни одлуки без последици, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани“.