РКЕ годинава со повисок буџетот од шест отсто: Матичната собраниска комисија го усвои предлог-финансискиот план


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика на Собранието денеска ја одржа 48-та седница на која ги усвои предлог-финансискиот план за 2026 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад за 2026 година.

Буџетот на Регулаторната комисија е проектиран на три милиони евра за 2026-та година и е зголемен за шест проценти во однос на 2025 година. Предлог на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на за 2026 година е под законскиот максимум и да изнесува 0,0407 проценти од вкупниот приход на носителите на енергетските лиценци, енергетски дејности, како и годишниот приход од давателите на водни услуги, оставрен од давањата на водните услуги. Овој процент е помал од истиот во однос на претходната година.

Заменик на претседателот на Регулаторната комисија Лирим Сулејмани го претстави предлог финансискиот план за 2026-та, пред комисијата посочувајќи дека е доставен согласно предвидениот законски рок на 31 октомври од тековната за наредната година, укажувајќи дека поради новонастанатите услови, глобални и политички случувања има нови сегменти што влијаеле за доставување нов, коригиран предлог-финансиски план. Сулејмани рече дека членовите на комисијата, ги скратиле службените патувања, присуствата на собранија и меѓународни посети на сродните меѓународни тела и наместо со физичко присуство учествувале преку онлајн платформи. Тој рече дека и поголем дел од планираните вработувања за 2025 не биле реализирани, заради што првобитниот финансиски план дополнително е коригиран и приспособен на ставките од претходно планираните трошоци.

– Буџетот на Регулаторна комисија за оваа година е проектиран на 3 (три) милиони евра односно 185 милиони 665 илјади 989 денари и истиот е зголемен во однос на буџетот за 2025 година за околу шест проценти. Оваа зголемување е резултат на зголемувањето на цените на добрата и услугите коишто тековно ги користи институцијата, оваа исто така е резултат на планираните нови вработувања коишто треба да се реализираат оваа година, а се во врска со законот за управување со отпад каде што ни се доделуваат дополнителни надлежности. И таа дејност во иднина е предвидено по закон да биде регулирана од Регулаторната Комисија за енергетика, тоа значи дополнителни вработување коишто ќе можат да ја спроведат оваа нова надлежност што ќе ја имаме од оваа година-кажа Сулејмани.

Расходите како што кажа заменик-претседателот, пред членовите на комисијата се групирани на четири сегменти, капитални и други средства каде што има намалување од 16 проценти, има одредено зголемување на платите-резултат на планираните нови вработувања и намалување од 16 проценти кај материјалните расходи и услуги. Ставката други расходи, рече Сулејмани има зголемување од шест проценти. Во однос на финансирањето, како што посочи тој, планираните приходи, да се обезбедат преку наплата на надоместокот што е под законски утврдениот максимум од 0,1 процент и за 2026 година истиот се предлага да изнесува 0,0407 проценти од вкупниот приход на носителите на енергетските лиценци, енергетски дејности, како и годишниот приход од давателите на водни услуги, оставрен од давањата на водните услуги.

– Овој процент е проектиран на ниво на кое ќе обезбеди непречено функционирање на Комисијата за оваа година што подразбира остварување на надлежностите, обврските, согласно законот за енергетика, законот за утврдување на цените на водни услуги и законот за управување со отпад. Сите дејства што ги преземаме согласно нашата надлежност се со цел да создадеме услови за непречено, континуирано и сигурно обезбедување на сите енергенси. Во истовреме да обезбедиме фер пристап на енергетскиот пазар. Она што сакам да го потенцирам е дека начелото на рационално и економично трошење е императив во креирањето на овој документ и е на увид пред вас и пред целата јавност-рече Сулејмани.

Членовите на комисијата го усвоија финансискиот план на Регулаторната комисија и како што потенцираше претседателот на комисијата, Бојан Стојаноски ќе предложи Собранието да го разгледа и усвои. Заклучокот и извештајот ќе се достави и во Владата и до Министерството за енергетика рударство и минерални суровини и до Комисијата.

Комисијата ја усвои и предлог одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на Регулаторната комисија. Сулејмани рече дека се утврдува надоместокот да изнесува под законскиот максимум од 0,1% и да изнесува 0,0407 проценти што е намалување во однос на истиот процентот за 2025 година.

Претседателот на комисијата, Стојаноски кажа дека ќе предложи Собранието да ја разгледа и донесе одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија за 2026 година.