Рита Ора доаѓа во Македонија – на 1 август концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид


Светски познатата британска поп-пејачка по потекло од Косово, Рита Ора, на 1 август ќе одржи голем концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.

Со низа интернационални хитови што го обиколија светот, милијарди стримови, престижни признанија и соработки со најголемите имиња од глобалната музичка сцена, Рита Ора се етаблираше како глобален бренд и еден од најпрепознатливите симболи на современиот поп звук, модна икона и артистка со јасна визија. Кариерата ѝ е обележана со континуиран успех, но и со способност постојано да се трансформира, да експериментира и да остане чекор пред времето.

Рита Сахатчиу Ора е родена во Приштина. Била бебе кога бегајќи од војната родителите се преселиле во Лондон каде што Рита ќе се прослави како пејачка, актерка, судија во натпревари за музички таленти, ТВ-водителка и манекенка. На музичката сцена дебитира во 2012 година со албумот „Ора“ и веднаш се искачи на врвот на музичките топ-листи кога музичката кариера почнува да ѝ ја води американскиот могул Џеј Зи. Пред да глуми во второто и третото продолжение на „Педесет нијанси сиво“, ја посетувала актерката школа на Силвија Јанг. Во соработката со „Адидас“ се обиде и како дизајнерка. Сестраната Рита, Косово во 2015 ја прогласи за почесен амбасадор. Во 2022 се омажи за режисерот Таика Ваитити.

Нејзините настапи се синоним за врвна продукција, прецизно осмислена сценографија и енергија што воспоставува директна и искрена врска со публиката. Секој концерт на Рита Ора е внимателно режирано аудиовизуелно доживување, во кое музиката, светлината и емоцијата функционираат како една целина, причина поради која нејзините настапи на најголемите светски сцени редовно се оценуваат како вистински спектакли.

Концертот на 1 август во Охрид е во организација на „Прагма продукција“ и претставува значаен чекор во позиционирањето на Македонија на мапата на големите концертни турнеи, како и уште една потврда дека домашната сцена е подготвена за настани од највисок меѓународен ранг.

Билети преку продажната мрежа на: www.kupikarta.com, Розе Веро 2, ЈК травел во Бисер и Јк Травел Дајмонд.

Линк: https://kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5735