„Римац автомобили“ се подготвува за Формула 1?


„Римац автомобили“ на Мате Римац, хрватскиот Елон Маск, откако се спои со „Бугати“ (Bugatti) и го претстави новиот електромобил „Rimac Nevera“, сериозно започнува со развој на мрежа на автономни робо-такси возила што треба да крстарат низ Загреб и многу други светски метрополи за три години.

Но, ова очигледно не е крај на плановите, бидејќи во „Римац“, на прашањето дали може да се очекува нивен болид да излезе на патеките во Формула 1 и да се натпреварува со болидите на Мерцедес, Ред Бул, Ферари и други, велат дека вратата не е затворена, пишува tportal.

„Римац“, кој сега е во тесно партнерство со „Фолксваген“ и „Порше“ и кој треба да основа заедничко вложување „Бугати-Римац“ во третиот квартал, има потенцијал да работи на развојот на болидите за Формула 1, бидејќи веќе е познато дека „Фолксваген“ калкулира дали да се придружи на најголемиот октански циркус од 2025 година, кога започнува новата регулатива за овој спорт и цела нова серија мотори.

„Порше“ и другата подружница на „Фолксваген“, „Ауди“, одржаа бројни состаноци на тема влез во Формула 1 во новата ера на мотори. Се разбира, новата регулатива отвора бројни шпекулации за тоа кој ќе се приклучи на спортот во 2025 година, а „Римац автомобили“ не негира дека би можеле да бидат еден од играчите, пишува Planetf1 .

„Многу луѓе во нашата компанија сакаат да работат на нашата технологија за тркачки автомобили и ние направивме прототипи за Пикс Пик, е-ТЦР …“, рече Марта Лонгин, менаџерка за комуникации и маркетинг во Римац автобили, за Motorsport.com.

Таа додаде дека фокусот на компанијата во моментов е на развојот и производството на технологија за електрични возила со високи перформанси во големи количини (десетици илјади електрични мотори, батерии и други технологии) и дека со овие проекти што се започнати и чие производство ќе започне во наредните години едноставно нема ресурси за учество во мотоспортот.