Рестрикции на струја во осум украински региони поради руските напади


Украинскиот енергетски оператор Укренегро денеска соопшти дека воведува рестрикции на струја во најмалку осум области поради штетите предизвикани на енергетската инфраструктура од неодамнешните руски напади.

– Поради тешката состојба во енергетскиот систем, предизвикана од неодамнешните руски напади, воведени се итни прекини на струја, се наведува во соопштението на компанијата.

Прекините се однесуваат на регионите Суми на север, Харков на североисток, Полтава и Дњепропетровск во централниот дел на земјата, како и делумно на Кировоград, Черкаси, Запорожје на југ и главниот град Киев.

Главниот приватен оператор ДТЕК подоцна соопшти дека најавените прекини на струја во Киев се откажани.

Русија последните недели ги засили нападите врз украинската енергетска инфраструктура и железничката мрежа со приближувањето на зимата, што предизвикува стравувања дека, како и претходните години, милиони луѓе би можеле да останат без електрична енергија.

Прекини на струја веќе беа воведени минатата недела низ цела Украина, вклучувајќи и повеќечасовни прекини во делови од главниот град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека се обидува да внесе хаос меѓу населението со своите бомбардирања, кои го погодија и украинскиот гасен сектор.

Од друга страна, Украина редовно со дронови ги напаѓа руските рафинерии и нафтоводи, што доведе до пораст на цената на горивото во земјата од летоска. Украинската армија неодамна погоди и електрана во руската погранична област Белгород, што предизвика прекини на струја таму.