Репортери без граници со предлози за поголема слобода на медиумите во ЕУ


Воведување на институцијата европски комесар за слобода, независност и разноликост на информациите е еден од предлозите на меѓународната организација Репортери без граници (РСФ) со цел зголемување на слободата на медиумите.

„Време е да се усвои политика која се фокусира на правото на граѓаните во веродостојни информации и вести и заштита на новинарите“, се посочува во соопштението на РСФ. Тие оценуваат дека престојните европски избори претставуваат можност за слободата на печатот, независноста и разноликоста на вестите и информациите да се постават како темелни вредности на Европската унија.

Според нив, еврокомесарот за слобода, независност и разноликост на вести и информации би имал правна моќ за да ги штити основните права на новинарите, да го регулира дигиталниот пазар и интернет платформи, како и да дава заштита од манипулација со вести и информации за време на изборните кампањи. Се предлага и систем за рано предупредување за кршење на слободата на печатот, кој би бил достапен на невладините организации.

Репортери без граници предлагаат воспоставување на т.н. „итна точка на контакт“ за невладините организации кои ќе забележат кршење на основните права на територија на ЕУ, а комесарот би бил задолжен за решавање на случаите со соработка на земјите каде се случил престапот.

Организацијата предлага воведување санкции против „предаторите“ на слободата на печатот, со кој се предвидува укинување на визите или замрзнување на сметките на поединци или колективи обвинети за кршење на човековите права.

РСФ истакнува дека треба да се воведе силна политика на конкуренција, која би ги регулирала интернет платформите кои имаат монопол, а кои претставуваат опасност по интегритетот на вестите и информациите.

Тие бараат и нови гаранти во глобалната сфера на комуникации и информации и истакнуваат дека јавната сфера е под ризик од т.н. „тролови“, кои преку користење алгоритми го забрзуваат ширењето лажни вести по пат на Интернет.

Како начин на борба против лажните вести, РСФ предлага „јакнење на веродостојноста на информациите во најширока смисла“. Тие инсистираат ЕУ да ја искористи Иницијативата за доверба во новинарството, дизајнирана да го промовира новинарството преку создавање опширни стандарди кои би требало да направат разлика во однос на масовните вести и информации.

РСФ оценува дека европските закони би требало да се изменат за да понудат подобра заштита на слободата на мислење и изразување.

Исто така, тие предлагаат периодични излагања, по примерот на Говорот за состојбата на нацијата во САД, за слободата на печатот во државите-членки на ЕУ пред Парламентот. На таквиот извештај би работеле независни експерти за да се избегне влијанието на политичките групи во ЕП.

РСФ смета дека слободата на печатот не е доволно заштитена во рамки на двата примарни договори за ЕУ (Договор за Европската унија од 2007 и Договорот за функционирање на ЕУ од 2007 година). Организацијата потенцира дека за тоа би требало да се дискутира на ниво на цела Европа.

Исто така, РСФ бара посилна улога на Европскиот суд на правдата, каки и европскиот омбудсман.