Реновирани четири соби за родилките во штипското Одделение за гинекологија и акушерство

Четири соби за родилките и нивните новороденчиња, однонсо апартмани се целосно уредени на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Штип. Заменик директорката на болницата Билјана Ефтимова на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за донација од општествено одоговорната компанија „Техникал Текстајл“, која се наоѓа во ТИР зоната во Штип. Донацијата е вредна 10.000 евра. Собите се еднокреветни и двокреветни со цел подобри услови за родилките и нивните бебиња.
-Самата донација се состои во вредност од 600 илјади денари, 10 илјади евра во реновирање на дел од Акушерското одделение и направивме четири апартмани, еднокреветни и двокреветни за родилките кои се сместуваат овде. Создадовме одлични услови во кои може да престојуваат додека се овде, вели Ефтимова.
Таа додаде дека наредниот период треба да се реновираат уште три простории. Прашана за најавата за нови вработувања во Клиничка болница-Штип, Ефтимова со одговор дека имаат одобрение за 19 приватни специјализанти кои ќе бидат вработени, а до средината на годината се очекува да се реши статусот и на над 40 вработени со договор на дело.
-Специјализанти се 19 кои ќе се вработат, за приватни специјализанти зборувам за кои е добиено одобрение, а 43 имаме од тие кои работат со договор на дело, 42 се сега моментално на кои им е продолжен договорот. Се надеваме дека до јуни ќе добијат и решенија, изјави Ефтимова.
Началничката на Одделението за гинекологија и акушерство при Клиничка болница-Штип, Станка Јаневска Велкова вели дека за речиси 69 проценти е зголемен бројот на родени бебиња во јануари годинава, споредено истиот месец лани. Минатиот месец на Одделението за Гинекологија и Акушерство се родиле 54 бебиња, за разлика од јануари минатата година кога имало 32 родени бебиња. Ова е најголем број родени бебиња во последните десет години.
-Јануари беше месец на бејби бум, имавме во последните десет години најголем број на родени бебиња 54. Во февруари сме некаде околу 30 малку помалку, меѓутоа и февруари е пократок месец, вели Јаневска Велкова.
Лани штипската болница ја заврши со околу 500 родени бебиња.