Реакција на ТИРЗ: Ниту еден денар јавни пари не се исплатени на е.Го


Дирекцијата за ТИРЗ остро реагира на наводите за злоупотреба на јавни средства за проектот е.Го.

-Ниту 1 денар јавни пари не се исплатени кон оваа компанија. Покажавме дека имаме јасни процедури и капацитет да го заштитиме јавниот интерес и средства.Политичката партија ВМРО ДПМНЕ денес фрли јавен сомнеж врз процедурите и капацитетите за реализација на државната помош, кои засегаат не само еден туку над 40 договори што ги спроведува Дирекцијата за ТИРЗ. Со ова, се прави непосреден удар не само врз угледот на компаниите корисници на ТИРЗ, туку и врз животниот стандард на близу 20.000 наши сограѓани кои се директно ангажирани во овие компании.

Во интерес веднаш да се расчисти со овие сомнежи и обвинувања и намалување на штетата врз луѓето и овие компании, јавно ја покануваме политичката партија ВМРО ДПМНЕ веднаш и без одлагање да дојде и да направи увид во целокупната документација на проектот и да најде макар 1 денар јавни пари исплатени на компанијата.

Доколку се утврди дека вакви средства не се исплатени, очекуваме политичката партија да упати јавно извинување за нарушен углед до сите компании што користат поддршка од државата, а вработуваат близу 20.000 наши сограѓани и кои, само во 2023 година, уплатиле најмалку 75 милиони евра обврски кон Буџетот на државата.

Дирекцијата за ТИРЗ во целиот изминат период навремено и транспарентно ја информира јавноста за сите прашања поврзани со проектот за електрични возила е.Го во Тетово.

Конкретно, при самото потпишување на договорот презентирани се сите детали за поддршката од државата, а целосен увид во договорот е даден на сите заинтересирани медиуми кои се обратија до Дирекцијата. Во ниту еден момент од наша страна не е одбиен или пренасочен кон друга институција одговор на прашања поврзани со проектот. Ова, иако Дирекцијата за ТИРЗ е еден дел од повеќе останати институции, кои истотака имаат свое место и улога во реализација на проектот.

Имајќи го предвид предходното, ставовите изнесени во соопштението на политичката партија ВМРО ДПМНЕ за некакво криење на договорот и нетранспаретност ги сметаме за остаток на матрица на однесување на институциите од едно минато време, стои во реакцијата. 

Претходно ВМРО-ДПМНЕ порача дека „уште еден од розевите меури од сапуница на власта пукна“.

-Официјално вчера се обелодени дека од помпезната најава за фабрика за електрични автомобили во Тетово нема да има ништо. Поточно не е баш ништо. Ќе остане една дупка среде ливада во ТИРЗ Тетово со четири арматурни шипки, во која со сите церемонии и на фанфари лопати фрлаа Ковачевски и пола влада на ДУИ и СДС во август 2022 година, непосредно пред повторените локални избори во Тетово.

И како што бива со се кога е во прашање власта на ДУИ и СДС и овој „грандиозен проект“ стана потемкино село. Се организираше скапа прослава, која веројатно е платена со народни пари, се изеде, се испи, се изнасликаа и на крај си заминаа по дома, порачаа од оваа партија. 

Станува збор сепак за кредибилна компанија со седиште во САД и во Германија чиј проект за електрични автомобили пропадна поради промена на условите на пазарот. Инаку, ВМРО-ДПМНЕ кога ја предводеше власта го шеташе и организираше тетарски спектакли со Субрата Рој иако во тоа време веќе го гонеше за злоупотреби индијската полиција и ораше со трактори низ Пелагонија најавувајќи илјадници грла сточен фонд што уште тогаш се знаеше дека е продавање филмови во Македонија.