Реј Лиота, ѕвездата на „Добри момци“ почина на 67 години
САД- Реј Лиота, ѕвездата на „Добри момци“ на Скорсезе, почина на 67 години во Доминиканска Република, каде што снимал нов филм. Холивудските медиуми објавија дека Лиота починал во сон.
Зад себе ја остави ќерката Карсен Лиота и свршеницата Џејси Нитоло.
Во кариерата долга над 40 години, Лиота оствари повеќе од 120 филмски и телевизиски улоги, но останува најзапаметен како мафијашот Хенри Хил од гангстерската класика на Мартин Скорсезе од 1990.
Роден во Њуарк во 1954, тој бил оставен како бебе во сиропиталиште, а на шестмесечна возраст бил посвоен од автомеханичарот Алфред Лиота. Глума студирал на Универзитетот во Мајами, а првата голема филмска улога ја оствари во „Нешто диво“ од 1986, што му донесе номинација за Златен глобус.
Во 2005 освои Еми за гостувањето во серијата „Итна служба“. Неговата кариера доби нов замав во изминатите години, појавувајќи се во „Многуте светци на Њуарк“ и „Брачна приказна“. (Варајати)
