Регионална конференција „Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“


Регионална конференција „Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“, се одржува денеска на Природно- математичкиот факултет во Скопје. Станува збор за конференција што е организирана заедно со три партнери од Албанија, Косово и Србија, поддржана од Фондот за Западен Балкан. 

– Сакаме преку оваа конференција да понудиме платформа на која што младите ќе се обединат заеднички, ќе зборуваат за предизвиците со коишто се соочуваат и ќе повикаат на акција во сите области коишто тие ги најдоа, каде што се најдоа најзасегнати коишто мислат дека се најбитни. Тоа се областите на здравство, бесплатни, доверливи младински пријателски здравствени услуги за ментално здравје, за репродуктивно здравје, достапно образование до сите млади во земјата, па и маргинализираните се разбира, политики за вработување на младите, исто така политики за животна средина во коишто се вклучени и младите како нивни креатори, рече Драгана Каровска Чемерска, од ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување. 

Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу истакна дека  оваа конференција е важна не само заради темата за која ќе се дискутира денеска, туку и заради посветеноста за изградба на посветла иднина, каде што младите ќе бидат се повклучени во процесот на донесување на одлуки и креирање на политики.

– Ние сите знаеме дека Балканот е со богата историја, со богата традиција, но исто така и имаме и предизвици пред нас. Сите гледаме што се случува во светот. Климатските промени, миграцијата, нееднаквоста, брзиот развој на технологијата, сите овие предизвици, треба заеднички и со поактивно учество на младите, да се справуваме со истите. Ќе излеземе со конкретен акциски план, како со споделување на идеи, искуства, може да се справуваме со ваквите предизвици, нагласи тој. 

Амбасадорот на Република Чешка во земјава, Јарослав Лудва изрази задоволство што е тука со поддршка за оваа конференција. 

– Секогаш треба да сме за младите, младите се тие кои се иднината на нашето место, подвлече амбасадорот. 

Рон Ѓиновци, партнерот од Косово, од организацијата Орка, се заблагодари на ХЕРА за инцијативата да ги повика сите организации од Косово, Албанија и Србија, за да се организира и да се зборува за младите. 

– И јас сум среќен дека сите сме заедно тука регионално да дискутираме за оваа состојба на младите во одлучувањето, бидејќи регионот на Западен Балкан многу зависи од ангажирањето на младите во политичкиот став, рече Гиновци. 

Даворин Трпески, декан на Природно математичкот факултет при УКИМ, посочи дека  е ова високо образовна институција во која што се школуваат околу 1.500 млади на сите три циклуси и голем дел од нив се вклучени директно во оваа регионална конференција. 

– И сметам ќе дадат значаен придонес во разработувањето на капацитети и промовирањето на активностите коишто ги прават организацијата ХЕРА и нејзините партнери, рече Трпески. 

Миген Чираџи, директорот на организацијата од Албанија, „Граѓански отпор“, која е партнер во овој регионален проект, истакна дека младите треба да се вратат во демократските процеси, да имаат поголема улога. 

Младинскиот активист Борјан Ефтимов, подвлече дека младите во Северна Македонија, Косово, Албанија, Србија, споделуваат слична или иста реалност.

-Од една страна ги имаме младите коишто ги живеат сличните проблеми, од друга страна ги имаме политичките елити, олигархијата, коишто си ги уживаат сличните благодети. Проблемите се исти, противнците се исти и воројатно заеднички преку дискусија може и да се дојде до некакви предлози , решенија или барем соработка, кои ќе ни овозможат да живееме тука, во овој регион, бидејќи верувам сите сакаме да останеме да живееме тука, во овој регион. Тоа е само возможно доколку сме проактивни и постапуваме заедно, бидејќи доколку сме одвоени, доколку не ги транзгресираме етничките националните граници, не разговараме како да ги решиме заедничките проблеми, нема да најдеме решение. И политичките елити и економските елити ќе продолжат да не искористуваат, а ние да постоиме или да се иселиме, рече Ефтимов. 

Во рамките на регионалната конференција, ќе биде усвоена заедничка декларација за младинско учество и за развој на политики, коишто се пријателски, коишто работат во насока на добросостојбата на младите.

-Целта на настанот е да се понуди цврста платформа за обединување на младите од Западен Балкан, гласно да зборуваат за состојбата и предизвиците и да повикаат на дијалог, во кој ќе бидат рамноправни партнери во донесувањето одлуки, заради постигнување целосен пристап до квалитетно образование и можности за вработување, уживање на сеопфатни здравствени услуги без исклучок, развој на културниот живот и сериозно разработени климатски акции за одржлива иднина, соопштија организаторите. 

Конференцијата е дел од регионалниот проект „Зајакнување на младите за демократска и одржлива иднина на Западен Балкан,“ поддржан од Фондот за Западен Балкан, а имплементиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Северна Македонија, Центарот за популациски политики и одржлив развој – IPPF Србија, Организација за унапредување на квалитетот на образованието (ОРКА) – Косово и Граѓанска отпорност – Албанија