Речиси четворица од десет Грци сметаат дека Договорот од Преспа е неповолен


Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Северна Македонија, 37,5 негативно, а само 18 отсто позитивно; речиси поделено е мислењето за поддршката на ЕУ перспективата на земјава, а Договорот од Преспа за 38,5 отсто од анкетираните е штетен, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во соработка со солунскиот Универзитет Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер, јави дописничката на МИА од Атина.

Истражувањето, спроведено во втората половина на април е на тема грчкото јавно мислење за односите меѓу Грција и Албанија, меѓутоа вклучени се и прашања што се однесуваат и на другите земји од регионот, меѓу кои и нашата, а резултатите ги анализира МИА.

На прашањето „Какво е вашето мислење за …“ на анкетираните им се понудени Турција Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Србија и Израел и можностите да одговорат дали имаат позитивно, негативно или неутрално мислење.