Речиси 350.000 лица починаа од корона вирусот во светот


Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразиле 5.360.982 лица. Од нив починале 341.830, а оздравеле 2.187.422 луѓе.

– Во изминатите 24 часа во Србија почина едно лице од новиот коронавирус, а потврдени се нови 68 заразени случаи.

–  Во последното деноноќие, во Албанија, од направени 200 тестови на сомнителни случаи, позитивен резултат е добиен кај осум лица, што е за четири случаи помалку во споредба со вчера. Вкупниот број заразени изнесува 989, од нив 79 отсто или 783 се излекувани, а починале 31 лице. Повеќе од три недели не е регистрирано починато лице од Ковид-19, што според епидемиолозите претставува индикатор за стабилната
епидемиолшка состојба со вирусот.

– Во изминатите 24 часа во Хрватска не е регистриран ниту еден нов случај на зараза со коронавирус, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита. Вкупно во земјата починаа 99 лица, шест луѓе моментно се на респираторни машини, додека 121 се на болничко лекување.

– Во Шведска во последните 24 часа од коронавирус починаа уште 67 луѓе, што е најголем дневен број на смртни случаи од 18 април досега, а новозаразени се 379 лица. Вкупниот број на починати во таа земја, во која не беа воведени рестриктивни мерки, достигна 3.992, а регистрирани се 33.188 заразени луѓе.

– Шпанија повторно ќе ги отвори границите за странски туристи од јули, најави премиерот Педро Санчез, додавајќи дека Владата ќе ја гарантира безбедноста на посетителите и локалното население по блокадата на земјата поради Ковид-19.

– Кина планира да ги ограничи меѓународните летови до октомври како мерка за заштита од новиот коронавирус.

– Најмалку 40 лица биле позитивни на тестовите за коронавирус откако претходно присуствувале на миса во баптистичка црква во германскиот град Франкфурт.

– Седумдесет и седум годишна жена е прва жртва на новиот коронавирус во Појасот газа. Таа починала во монтажна болница во близина на границата откако допатувала од Египет. Властите во тоа подрачје досега потврдиле 55 случаи на заразени со Ковид-19.

– Во Црна Гора денеска не е пријавен ниту еден нов случај на коронавирус. Од почетокот на епидемијата во оваа земја вкупно се заразени 324 лица, а оздравени се 314.

– Унгарија е една од првите земји која го доби јапонскиот лек „Авиган“ за лекување на пациенти заразени со коронавирус, изјави министерот за надворешни работи Петер Сијарто. Тој најави дека во земјата ќе се спроведат нови клинички испитувања на овој лек, чија активна состојка е фавипиравир, а кој е регистриран во Јапонија.

– Министерството за здравство на Грција соопшти дека во изминатото деноноќие починале две лица, а биле регистрирани само три нови случаи на Ковид-19. Од почетокот на епидемијата, биле направени 152.998 тестови, заразени се вкупно 2.876, а починати 171 лице.

– Првпат од почетокот на епидемијата, на Кипар денеска не е регистриран ниту еден нов случај на Ковид-19, од анализирани 2.414 примероци во изминатите 24 часа, со што бројот на заразени, остана ист како вчера 927 лица.