Ребалансот е фактура за владиниот дебакл, тврди пратеникот Фатмир Битиќи

Пратеникот на СДСМ вели дека дефицитот урива рекорди, а власта крати од граѓаните и инвестициите


Фатмир Битиќи (Фото: Б. Грданоски)

 

Додека власта обидува да го претстави ребалансот како развоен, суровите бројки покажуваат тотален колапс и неодговорно планирање. Овој ребаланс не е инструмент на одговорно планирање, ова е фактура за промашениот буџет од декември. Буџетот не издржа ниту половина година, а граѓаните сега ја плаќаат цената на владината неодговорност. Вака дискутираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во расправата за ребалансот на буџетот во Комисијата за финансирање и буџет.

Според него, „фискалниот бројач не е ниту опозиција, ниту држи прес-конференции. Тој само брои, а бројките зборуваат погласно од владиниот ПР. Само за половина година Владата го надмина целиот планиран буџетски дефицит за 2026 година. Планираниот дефицит од 39,2 милијарди денари се зголемува на 46,2 милијарди денари, односно за 7 милијарди денари повеќе. Дефицитот расте од 3,5% на 4,1% од БДП. Примарниот дефицит се зголемува за 40%, што покажува дека проблемот не се само старите долгови и каматите, туку тековните одлуки на Владата. Владата не може да каже дека ова се камати или наследени обврски. Примарниот дефицит покажува дека влошувањето е резултат на нивните сопствени политики“, нагласи Битиќи.

Пратеникот на СДСМ, предупреди дека Владата наместо да вложува во активирање на економијата, ги намалува средствата за политики што создаваат работни места.

„Мерките за намалување на сиромаштијата се намалуваат. Програмите за поттикнување на вработувањето се намалуваат. Активните мерки за вработување се ревидираат надолу. Владата крати кај најранливите, а го зголемува трошењето. Кога имате милијарди за проширување на дефицитот, а немате неколку милиони за инклузија, тогаш проблемот не е во парите. Проблемот е во приоритетите“, рече Битиќи.

Битиќи предупреди и за состојбата со пензискиот фонд, посочувајќи дека одржливите пензии зависат од силна економија, продуктивност и повеќе формални работни места.

„Пензионерите не се товар. Тие се луѓе кои работеле, граделе и плаќале придонеси. Но достоинствени пензии не се обезбедуваат со политички пароли, туку со стабилна економија. Не можете на човек кој работел тешка физичка работа да му кажете дека треба да работи до 73 години затоа што немате план за продуктивност и економски раст. Овој ребаланс е доказ дека Владата нема план за развој, туку план за нови долгови“, рече Битиќи.