Анкара: Турција внимателно ќе ја разгледа можноста за евентуално испраќање мировни трупи во Украина


Турција ќе процени дали да испрати војници во мировна мисија во Украина, ако тоа се покаже како неопходно за гарантирање на мирот, изјавија претставници на Министерството за одбранана на денешната прес-конференција, пренесуваат турските медиуми.

– Остануваме на ставот дека праведен и траен мир може да се постигне со рамноправно и правично претставување на двете страни. Во овој процес, нашата земја ќе продолжи да ги поддржува сите конструктивни иницијативи за гарантирање на мирот во регионот, за зачувување на Црното Море како море на мир и за обнова на Украина, соопштија претставници на Министерството.

Во однос на тврдењата дека турски војници ќе бидат испратени во Украина како дел од евентуална мировна мисија, од Министерството посочија дека внимателно ги следат повеќестраните дипломатски иницијативи за ставање крај на војната, во тесна координација со надлежните институции во Турција.

– Иако по различни канали се споменува прашањето за воспоставување таква мисија, тоа сè уште не е поставено во концептуална рамка, истакнаа претставниците на турското Министерство за одбрана.

Како што беше нагласено на прес-конференцијата, темата за евентуалниот придонес на Турција кон таква мисија „ќе биде заеднички оценета со сите засегнати страни, ако се утврди дека тоа е неопходно за воспоставување на регионална стабилност и мир“.