Ратко Младиќ паднал во несвест и ја повредил главата! Од Хаг итно бил пренесен во болница
Ратко Младиќ, поранешен командант на Генералштабот на Армијата на Република Српска, изгубил свест во притворската болница во Хаг, по што паднал и ја повредил главата, изјави неговиот син Дарко Младиќ.
Ратко Младиќ од април е во болницата поради неможност да се движи што, според неговиот син, предизвикало дополнителни компликации. Дарко Младиќ наведува дека минатата недела отишол во Холандија да го посети својот татко, но бил информиран дека е повреден и дека е префрлен во цивилна болница.
„Ни рекоа дека претрпел пад и силен удар во главата откако се онесвестил стоејќи. Потоа, претпоставувам, го кренале. Ни рекоа да не доаѓаме на посета. Потоа отидовме во цивилната болница да го видиме“, рече Дарко.
Тој додаде дека генералот бил свесен, но воопшто не знаел како паднал. Таму бил задржан два дена, а потоа вратен. Состојбата на генералот е се уште многу лоша, односно прикован е за кревет и не може да се грижи за себе, бидејќи неговите бубрези престанале да работат.
Дарко Младиќ наведува дека притворот во Хаг не е вистинска болница, така што немаат ресурси за посериозна нега, па генералот Младиќ неколку пати претходно бил префрлен во цивилната државна болница за интервенции или набљудувања. По падот, генерал Младиќ има дополнителни компликации, огромен притисок од кој не може да се ослободи и по неколку дена.
„Сега сме во контакт, комунуицираме“ , изјави Дарко.
Од април неговиот татко го посетиле двајца српски лекари, нефролог и невропсихијатар, од кои добивале извештаи.
„Апсолутно ни е јасно дека за откажувањето на бубрезите во април, по кое заврши во болница и беше опасно по живот, вината е на нивните лекари во Хаг, иако тие негираат. Тоа беше нивна вина, не од необјаснети причини, како што велат нивните лекари, туку бидејќи не е земена во предвид загубата на течности“, изјави Дарко.
Да потсетиме, на Ратко Младиќ му се судеше пред Хашкиот трибунал во јуни 2021 година и беше осуден на доживотен затвор. Поради лошата здравствена состојба, семејството и бранителите на Младиќ постојано бараа да му се дозволи да се лекува на слобода, но овие барања беа одбиени. Младиќ беше опериран на 8 јануари во холандска болница и му беше вграден пејсмејкер.