Ратификувано учеството на ДЕСФА во акционерската шема на Гастрејд

Ова е клучен европски проект од заеднички интерес, кој е приоритет за ЕУ, бидејќи ја зајакнува безбедноста и ги диверзифицира изворите и правците на снабдување со енергија, вклучувајќи ја и Северна Македонија


Учеството на Националниот оператор на системот за природен гас ДЕСФА (DESFA SA) во акционерската структура на Гастрејд (Gastrade SA) – компанијата што ја развива пловечката единица за складирање и регасификација (Floating Storage and Regasification Unit, FSRU) на течен природен гас (LNG) во Александрополис – со стекнување на 20 отсто на нејзиниот акционерски капитал од страна на Операторот, деновиве беше официјално ратификувано. Договорот за трансфер на акциите го потпишаа извршниот директор на ДЕСФА, Мариа Рита Гали и Константинос Сифнаиос, потпретседател и проект менаџер, во име на основачкиот акционер и претседател на Одборот на Гастрејд, Елмина Копелузу, во просториите на Гастрејд во Атина.

Потпишувањето на договорот следува по неодамнешното одобрување од страна на Европската комисија – врз основа на Регулативата за спојување на ЕУ – за стекнување заедничка контрола на Гастрејд од страна на ДЕСФА, Елмина Копелузу, DEPA Commerce AE, GasLog Cyprus Investments Ltd. и бугарската Bulgartransgaz EAD (“BTG”).

Кои се придобивките?

Изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG) на Александрополис активно ќе придонесе за енергетската безбедност, ликвидноста и ефикасноста на земјата и ќе ја зајакне стратешката улога на Грција во ЈИ Европа, нудејќи можности за нов извоз на природен гас во регионот. Ова е клучен европски проект од заеднички интерес (PCI – Project of Common Interest – EU Regulation 347/2013), кој е приоритет за Европската Унија, бидејќи ја зајакнува безбедноста и ги диверзифицира изворите и правците на снабдување со енергија.

Дополнително, проектот поттикнува конкуренција меѓу добавувачите на гас и го поддржува создавањето на центар за трансакции во поширокиот регион на Југоисточна Европа, што ќе доведе до пониски цени од кои ќе имаат корист сите крајни потрошувачи.

FSRU ќе биде поврзан со Националниот систем за пренос на природен гас на Грција со цевковод долг 28 километри, преку кој течен природен гас ќе се снабдува на пазарите во Грција, Бугарија и поширокиот регион, од Романија, Србија и Северна Македонија, до Молдавија и Украина. Се очекува терминалот да биде оперативен до 2023 година.

Основачкиот акционер и Претседател на Одборот на директори на Гастрејд, Елмина Копелузу, изјави: „Денес е направен уште еден важен чекор за Грција и особено Александрополис како енергетски центар за Балканот и Европа. Го поздравуваме приклучувањето на ДЕСФА кон Гастрејд, убедени дека со нашата целосна акционерска структура, проектот на Терминалот во Александрополис ќе игра водечка улога во зелената транзиција на европските мрежи, истовремено зајакнувајќи ја безбедноста на снабдувањето со енергија, во корист и на двете национални економии, како и на граѓаните“.

Извршниот директор на ДЕСФА, Мариа Рита Гали, изјави: „Со потпишувањето на денешниот договор, ДЕСФА официјално станува дел од Гастрејд и од проект кој значително ќе придонесе за енергетската безбедност и за зајакнување на улогата на Грција во регионалниот енергетски развој. Долгогодишното искуство на ДЕСФА во управувањето со LNG терминалот во Revithoussa нѐ прави вреден партнер со врвно знаење и е доказ за постојаната посветеност на развојот на инфраструктурата за природен гас. Продолжуваме да инвестираме во нови технологии, нови употреби на природниот гас, во домашни и меѓународни енергетски проекти, кои секогаш се движат во стратешката насока на енергетската транзиција“.

Инаку, Операторот на грчкиот систем за пренос на гас Hellenic Gas Transmission System Operator (DESFA S.A.) е одговорен за работењето, управувањето, користењето и развојот на грчкиот национален систем за природен гас. Акционери на ДЕСФА се 34 отсто грчката држава и 66 отсто Senfluga S.A (формирана од Snam, Enagás, Fluxys и Damco).

Гасрејд, (GASTRADE S.A.) е првото претпријатие во Грција кое доби лиценца за независен систем за природен гас. Компанијата ги проучува, дизајнира, развива и оперира инфраструктурите кои се неопходни за прием, пренос и дистрибуција на природен гас, како и за негово складирање, втечнување и регасификација, на безбеден, сигурен и финансиски стабилен начин.