Растот на платите ќе биде во зависност од растот на продуктивноста, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата размислува зголемувањето на платите да биде врзано со растот на продуктивноста.
„Во делот на примањата, резонирањето и размислувањето во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста, односно поврзување на продуктивноста со зголемување на личните доходи“, изјави Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинарите по презентацијата на новопристигнатата опрема од САД во касарната во Штип.
Тој додаде дека бваквиот пристап може за нив како владејаќка коалиција да има и политички последици.
„Сигурно некој ќе има кои што ќе бидат незадоволни. Но, подобро да ги имаме тие политички последици сега, отколку граѓаните на долг рок да чувствуваат ваков тип на, би рекол, неконтролирана инфлација“, рече Мицкоски, додавајќи дека во јули годинава, инфлацијата во нашата држава, која достигна 4,8 отсто на годишно ниво, била во рамките на просекот на земјите во регионот, од Унгарија, Словенија, се до Грција, каде што исто така таа беше меѓу 4 и 5 отсто.
Зборувајќи за мерките кои што се преземаат за да се сузбие инфлацијата, премиерот рече дека се што го прави Владата е во насока да се олесни животот на граѓаните и да помогне во подобрување на стандардот.
„Последните состаноци на оваа тема (инфлацијата, заб.) кои што ги имавме со експерти се во насока дека главен поттикнувач на сево ова се услугите. Анализиравме во проценти, во одредени сектори тие се зголемени за повеќе од 20 проценти“, рече Мицкоски, додавајќи дека тука Владата нема голем маневарски простор да интервенира.
„Но, секако, со ваквиот начин на однесување како што е пред почетокот на учебната година ограничување на маржите, а како репер да бидат цените од 1 јуни за училишен прибор, опрема, и друг тип на помагала кои што им се потребни на учениците, да биде поднослива состојбата за семејниот буџет, ние тоа ќе го правиме“, рече Мицкоски.
Тој повтори дека анализата покажа дека ад-хок ограничување на маржи не е решение и дека се прелева во месеците кои што следат.
„Тука имаме една дилема, ако воспоставиме континуитет цела година, тогаш дали имаме пазарна економија? И дали имаме општество кое што се темели на пазарната и слободна економија“, рече Мицкоски, додавајќи дека сепак, тоа не значи дека ќе се толерира, како што рече „дивеење“ од страна на одредени синџири супермаркети кои што преку скриен маркетинг се обидувале да ги изиграат законите.
Премиерто рече дека за ова многу сериозно се занимава Комисијата за заштита на конкуренцијата, која многу скоро ќе излезе на терен. Тој потсети дека Комисијата е кадровски зајакната и дека жестоко ќе ги санкционира ваквите скриени „маркетинг услуги“ кои делот од снабдувачите, производителите и трговците ги поставуваат, односно во синџирите супермаркети на подобро место да стои одреден производ.
Вториот начин, како што додаде, е Владата во рамките на можностите, да се обиде да интервенира во делот на услугите.
„Ние не можеме да ги ограничиме рестораните, кафулињата или транспортните компании која цена да постават за конкретна услуга. Сѐ додека таа услуга некој може да ја плати тие за жал ќе ја качуваат. И тоа ќе влијае негативно во конечната инфлација“, рече Мицкоски, при што сепак додад дека и тука ќе се преземат одредени мерки, без да прецизира кои.
Во рамките на целиот пристап, тој најави и дека се размислува во иднина да се врзе растот на продуктивноста со зголемување на личните доходи.
„Ова е поопфатен пристап кој што очекуваме дека на среден рок ќе даде исклучително големи резултати“, рече Мицкоски.