Растот на цените на недвижностите е причина за загриженост, вели Славески

Народната банка (НБ) располага со мерки и инструменти да одговори на сите предизвици за да имаме ниски и стабилни цени, уверува гувернерот Трајко Славески. Тој денеска информира дека НБ внимателно ги следи сите случувања и ги анализира изворите на скокот на цените.
– Очекуваме смирување на инфлацијата и подготвени сме ако е потребно да преземеме соодветни мерки, не можеме сами, зашто има мерки од даночната политика и други, но го работиме тоа и наскоро ќе има информација, рече Славески, на новинарско прашање.
Гувернерот Славески соопшти и дека се вршат сериозни анализи за растот на цените на недвижностите, особено на становите и во овој сегмент се подготвуваат мерки.
-Се надеваме дека повеќето од факторите се еднократни, како поскапувањето на сезонското овошјето и зеленчукот и сметаме дека во иднина работите ќе се стабилизираат. НБ располага со мерки и инструменти да одговори на сите предизвици за да имаме ниски и стабилни цени зашто тоа е една од нашите законски цели. Во моментов вршиме сериозни анализи за растот на цените на недвижностите, особено на становите и тука подготвуваме мерки за кои ќе бидете информирани во иднина зашто според мерењата, растот на цените на недвижностите е причина за загриженост. НБ во комункација со другите институции, би сакала да ги насочи активностите кон јасна дистинкција меѓу кредитирањето на станови или објектите за живеење особено кај младите и кредитирањето на недвижностите кои се инвестиција или во некој случај шпекулација во очекување на натамошен раст на цените. Во оној момент кога станот или куќата ќе стане предмет на шпекулација, може да настанат сериозни социјални и економски проблеми и тука сме многу внимателни, потенцира гувернерот.