Растот на БДП во првото полугодие годинава е 3,7 отсто


Растот на домашниот бруто-производ во првите шест месеци годинава изнесува 3,7 отсто, и е еден од најдобрите во Европа, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање како ги коментира резултатите за растот на БДП во вториот квартал годинава.

„Во во второто тромесечје имаме исклучително висока економска активност и зголемен БДП од 4,3 отсто“, рече Мицкоски порачувајќи дека Македонија ќе продолжи да оди напред, како и дека се работи да се решат сите наследени проблеми.

„Резултатите после 25-26 месеци, еве, конечно излегуваат на површина. Имаме раст на индустриското производство, стабилизирана инфлација. Овој раст од 4,3 отсто, кога ќе се додаде растот во првото тромесечје од 3,1 отсто, дава една бројка од 3,7 проценти во првото полугодие од годинава, што е еден од најсилните во Европа“, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека ова е еден од четирите најголеми растови на БДП и во првата половина на годината, но и во второто тромесечје, при услови кога имаме за истиот квартал во 2025 година 3,5 проценти раст. Да речеме, Словенија има 4,8 во вториот квартал во 2026 година, но 0,7 има во вториот квартал во 2025 година. И пред нас се Малта и Данска.

Мицкоски рече дека 2024 година ја завршивме со раст од 3 проценти на БДП, со што влеговме во првата половина од земјите во Европа, а  2025 со 3,5 проценти.

„Сега сме веќе во првото полугодие со 3,7 проценти, значи има еден континуиран раст во услови кога нашиот најголем трговски партнер, а тоа се ЕУ и земјите од еврозоната, имаат во целина 1,2 проценти, а еврозоната во целина 1 процент. Ако го погледнете растот на БДП во периодот 2006 – 2008 година, имаме раст од 5 до 6 проценти, но тогаш и еврозоната и ЕУ растат со толкав или поголем процен“, рече Мицкоски.