Расте бројот на заразени од Ковид-19 во Косово, двајца починати и 177 нови случаи од 14-19 август


Приштина – Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) објави денеска дека, врз основа на анализата на епидемиолошката состојба во земјата, има зголемување на случаите на КОВИД-19 во примероците тестирани во последните денови, со доминација на респираторните симптоми меѓу заразените, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Институтот, од 14 до 19 август 177 лица резултирале позитивни, додека двајца починале.

„Во периодот од 14 до 19 август 2024 година, во ИКШПК се пријавени 400 тестови за САРС КОВ-2, од кои 177 случаи биле позитивни, додека Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косоцо (ЌКУК) во овој период пријавила 2 смртни случаи од КОВИД-19. ИКШПК повторува дека вакцинацијата продолжува да биде ефикасна заштитна мерка, особено од најтешките облици на болеста и поради слабеењето на имунитетот со текот на времето, се препорачува да се вакцинираат лицата со поголем ризик и хронични заболувања, се вели во соопштението на ИКШПК.

ИКШПК препорача одржување на хигиената, особено на рацете, избегнување контакт со заразени лица, избегнување големи собири и особено оние во затворени простории.

Исто така, побарано е да се зголеми внимателноста од страна на здравствените работници, со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се спречат инфекциите.

ИКШПК побара да се почитува носењето маски и друга заштитна опрема, како и намалување на посетите на членовите на семејството во здравствените установи кои се занимаваат со третман на случаи со КОВИД-19.

Амбулантските и хоспитализираните случаи на ШСКУК се препорачуваат да бидат анализирани од лекарскиот совет.

Се препорачува луѓето со симптоми да се тестираат и лицата со намален имунитет да се ревакцинираат.