Расправата за Кривичниот законик експресно заврши
ВМРО-ДПМНЕ ги нападна предлог-измените на Кривичниот закон на седницата на Комисијата за европски прашања, но не сакаше да поднесе амандмани
Иако јавноста едвај дозна дека се предлагаат измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување и се забрзува застарувањето на делата, расправата со европско знаменце во Комисијата за европски прашања веќе заврши, така што се очекува предлогот експресно да пројде и на пленарна седница.
И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги нападна измените, толкувајќи ги како обезбедување амнестија пред да се изгуби власта, тие не поднесоа никакви амандмани со кои би смениле нешто, под изговор дека таквиот обид не би имал смисла, бидејќи измените секако ќе се изгласаат. Место тоа, тие измените ги поврзаа со актуелните случувања во Онкологија, иако тоа што се предлага има поширок ефект и од измените ќе се офајдат многу функционери што се судат од редот на бившата власт.
Предлогот го објасни заменик министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, која рече дека намерата била да се обезбедат јасни, прецизни и цврсти описи на кривичните дела и дека предлог-измените ќе доведат до проширување на опфатот на дела за кои ќе се предвидува конфискација.
Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека измените се погрешни и со неоправдано европско знаменце и, доколку поминат, ќе бидат пардонирани или ќе се соочат со помали казни оние кои очекуваат да се соочат со обвиненија за злоупотреби од редот на сегашната власт. Според него ова е груба злоупотреба на европското знаменце бидејќи нема еден усогласен кривичен закон на европско ниво, ниту пак има директива која го налага тоа. Со предлог-измените, рече тој, се турка антиевропски проект кој ја девалвира регулативата и, место поефикасна акција на правосудството со 3 отсто доверба во јавноста, има дополнително релативизирање на ваквите дејства. Па, посочи дека ниту американскиот, ниту холандскиот амбасадор не го критикуваа Кривичниот закон, туку неговата непримена и селективната употреба, т.е. тоа како се спроведува. Власта, смета тој, се подготвува за опозиција, па на тие на Онкологија ќе им биде олеснета положбата еден ден кога ќе се соочат со обвинувањата.
Снежана Калеска-Ванчева (СДСМ) рече дека од воведувањето на Членот 353 (за службена злоупотреба) постоеле различни мислења на правната и експертска фела кои во најголем дел биле против воведувањето на ова кривично дело на ваков начин. Таа тврдеше дека измените воопшто не значат амнестија бидејќи тие дела се пропишани. Владеењето на правото, оцени таа, подразбира брза и ефективна правда со јасни законски одредби. Гордана Силјановска-Давкова возврати дека измените влијаат и на побрзо застарување на делата во земја во која, пак, владее „пандемија и поплава од злоупотреби на службена положба во сите институции“. Се слушнаа и оценки дека во Македонија стана срамно да се биде правник и дека се неумесни споредбите со Германија кадешто системот функционира.
„Како дојдовте до заклучок дека Кривичниот законик е причина за нарушување на животната средина?“, праша пратеникот Миле Лефков (ВМРО-ДПМНЕ) кој потоа наброја дека за вакво дело имало само една пресуда во Македонија, за пустошење на шумите имало само три прес-конференции, а за незаконска експлоатација на минералното богатство – имало само пет кривични пријави. Најголем дел од измените, имено, се однесуваат на еколошкиот криминал, но тие според него се покритие да се протнат контроверзните кратења на казните за злоупотреба на службена положба и за укинување на членот кој се однесува на јавните тендери. Потсетувајќи дека оваа власт трипати досега го намалила рокот за застарување тој оцени дека ова се измени по нарачка и заради амнестија и дека со нив губат правдата и судството. Заменик-министерката за правда му реплицираше дека со измените никој нема да се амнестира – бидејќи Кривичниот законик има 424 члена, а не само овие.
Инаку, професорот по кривично право Гордан Калајџиев во врска со предложените измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување, во интервју за „Слободен печат“ вели дека досега казнената политика не ја постигнувала целта и работела под притисок на јавноста, тврдејќи дека е подобро да има повеќе казнети со помали казни, отколку само неколкумина.
„Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукративни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна“, вели Калајџиев.
Тој додава дека стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности.
„Голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот“, вели професорот Калајџиев и појаснува дека сега тешко се докажува дека конкретен имот е стекнат од кривично дело, а со измените се олеснува товарот на докажувањето. Со затворски казни како од 19. век, како што вели Калајџиев, не се решава ништо, напротив, само се зголемуваат проблемите, оти нашите затвори се со катастрофално лоши услови.
„Јас сум за целосна промена, казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина. Сега во пракса во анонимни случаи судовите многу ја користат условната казна што не е лошо, ама во јавно експонирани случаи судат под притисок на јавноста“, вели професорот Калајџиев.
Пред расправата во Собранието лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека „СДСМ и ДУИ се спремаат за опозиција и дека криминалот кои што го правеа изминатите 6 години сакаат на овој начин да го сокријат“. Тој порача притоа дека дури и да го носат законот со златно знаме, а не со европско, секој кој што се огрешил пред законот, а за што постојат докази ќе одговара.
Со измените инаку се предлага намалување на казната за делото „злоупотреба на службена положба и овластување“, се брише казната затвор од минимум 5 години за местење тендери, максималната казна затвор за „Злосторничко здружение” се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.
Или подетално, во стариот закон членот 353 предвидуваше казна од најмалку три години затвор за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, но не беше предвидена горна граница. Сега, со затворска казна од една до четири години, се отвора можност многу дела побрзо да застарат.
Ставот 5 од членот 353 за Злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови, предвидуваше најмалку пет години затвор. Во новиот закон се предвидува нов став кој единствено гласи дека „прибавената имотна корист се одзема“.
Казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета беше најмалку три години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.
За делото Злосторничко здружување, пак, казната со постоечкиот закон е од една до десет години затвор, а со новите измени се предлагаат од една до три години затворска казна.(С.Ј.)
Фото: Борис Грданоски