Распитот на Сашо Дранго за отепаната мечка се држи во строга тајност
Дали Дранго бил повикан на распит или не, не може да се дознае. Обвинителството не сака да споделува детали

БИТОЛА – Имало или немало распит во Обвинителството на државниот функционер Сашо Дранго за фотографијата со отепаната мечката?
Ова е прашањето кое се наметнува откако пред два месеци јавноста се разбранува по обелоденувањето на фотографија на заменик-директорот на „Македонијапат“ со мртва мечка и оружје в раце, што ја објави Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“.
Сашо Дранго е од Белче, демирхисарско и не е воопшто тешко да се лоцира, велат тамошните мештани, оди на работа, се движи во јавноста.
„Независен“ денеска контактираше телефонски со Дранго, но не доби конкретен одговор дали бил поканет на распит пред обвинител и до каде е постапката, ниту пак кажа детали за спорната фотографија, иако првично имаше изјави за настанот со мечката.
„Оставам на Обвинителството во Битола да каже за распитот, јас нема што да коментирам“, рече Дранго кусо во разговор за „Независен“.
Според најавите на ОЈО Битола, за кои објавивме минатата недела, за Дранго беше закажан распит, сега една недела подоцна, и надлежните не откриваат дали Дранго се појавил пред обвинител да даде исказ или пак не.
„Се преземаат дејствија, во оваа фаза не сме во можност да споделуваме повеќе детали“, велат од ОЈО за „Независен“.
Пред десеттина дена ОЈО Битола потврди дека врз основа на судска наредба бил извршен претрес во домот на Дранго и не откри дали дошле до докази.
Нецели два месеци трае предистрагата на ОЈО Битола за утврдување на вистината и разрешување на дилемата дали Дранго лично ја отепал мечката пред да се фотографира со оружјето в раце и мртвото животно? Дали инцидентот навистина се случил во декември лани, каде се случил настанот, во битолско, како што првично се објави или пак на друга локација?
Гизела Бошковска од „Анима мунди“ за Телма тогаш изјави: „Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта.“
Сега нема податоци дали Здружението „Анима Мунди“, соработува со истражните органи. На 2 јануари кога експресно беше покрената истрагата од ОЈО Битола, кажаа дека „Обвинителството ќе се обрати до Здружението ‘Анима мунди’ да ни ги достават нивните материјали како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции.“
Здружението „Анима Мунди“ на Фејсбук ја поздрави одлуката на ОЈО за експресно отворената истрага, пишувајќи дека –„е добар чекор кон разрешница, доколку сакаме да се наречеме правна држава.“
Обвинителство за овој случај е под голем притисок од јавноста – дали за Дранго ќе има обвинителен акт?
Последната изјава од премиерот Христијан Мицкоски беше дека не верува во приказната на Дранго за убиената мечка.
„Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол отепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашле на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди ова во што не сум убеден, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен“, рече Мицкоски во интервју за „360 степени“.