Рама: На автопатот кој ги поврзува Дебар и Тирана нема да се наплатува патарина

На автопатот „Патот на Арбр” (Руга е Арбрит) кој се протега од граничниот премин „Блато” кај Дебар до Тирана нема да се наплатува патарина.
Ова го објави како „поволна вест” албанскиот премиер Еди Рама, во директна комуникација со граѓаните, неговиот поткаст, “Очи во очи” на Фејсбук.
– Иако е дел од јавно-приватно партнерство (ЈПП), патарина нема да ја плаќаат ниту албанските граѓани, ниту странците, во време на мојот мандат. Овој пат е финансиран со албански средства. Како што се случува во многу земји во светот, на сите патишта може да се наплатува патарина, но не и Патот на Арбр, додека сум јас на чело на владата, рече Рама.
Автопатот за сообраќај беше пуштен на крајот од ноември 2021 година, но поради изградбата на тунелот Муриз, сообраќајот на тој дел се пренасочуваше и патувањето траеше подолго.
– Со пуштањето на тунелот на 14 март, од преминот „Блато“ до Тирана, ќе се стигнува за еден час, бидејќи го прави достапен целиот автопат, кој е во должина од 74 километри, објави претходно Белинда Балуку, вицепремиерка, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија.
Пред изградбата на автопатот оддалеченоста од ГП „Блато” до Тирана беше 180 километри, а сообраќајот се одвиваше по лоша патна инфраструктура.
Подобрената патна инфраструктура од двете страни на границата, на македонска, целосна реконструкција на патот од Маврови-Анови до Дебар, ја зголеми фреквенцијата на сообраќајот и на самиот премин.
Како што за МИА потврдија од МВР, минатата година на влез и излез регистрирани биле 834.345 патници, од нив странски 672.062 и 162.283 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 120.086 патници.