Радев направил гаф пред Кулеба, ги нарекол Русите и Украинците „браќа“
Гаф ја одбележа средбата на министерот за надворешни работи на Украина Дмитриј Кулеба и претседателот Румен Радев во Софија.
Шефот на бугарската држава на почетокот на својот говор повика што поскоро да се прекине братоубиствената војна во Украина. Како одговор, пак, гостинот рече:
„Откако Русија ја нападна Украина и изврши ужасни злосторства, се согласувам со вас дека сторителите треба да бидат казнети, но малкумина можат да го превртат јазикот и да ги наречат братски украинскиот и рускиот народ. Мислам дека Украинците и Бугарите имаат повеќе причина да се нарекуваат братски народи, особено по оваа поддршка што ја дадовте. Украина ги третира сите етнички групи подеднакво, без оглед на тоа кои се тие. Ние имаме една задача – да ја заштитиме нашата земја“, му возвратил Кулеба.
Инаку, Радев повика во рамките на ЕУ да се бара можност за побрзо закрепнување на Украина, како и наскоро да се спроведе независна меѓународна истрага за убиствата на цивили и злосторствата за време на војната, а одговорните за тоа да бидат најстрого казнети. Радев изрази и надеж дека Украина прави се што е можно за да го заштити бугарското национално малцинство.
Кулеба рече дека Украина ја цени позицијата на Бугарија и нејзиното пристапување кон некои од европските санкции.
„Ние разбираме дека тоа е штетно за некои клучни економски интереси“, додаде тој, нагласувајќи дека санкциите против Русија мора да продолжат за да се запре нејзината агресија.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба е втор ден во посетата на Бугарија и веќе се сретна со премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.