Радев: Брзо ќе стане јасно дали Македонија сака да чекори кон Европа


Шефот на бугарската држава Румен Радев смета дека наскоро ќе стане јасно дали новата претседателка на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе работат за европската перспектива на земјата или ќе преземат друга насока. Тој ја коментирал победата на изборите на партијата на Христијан Мицкоски пред бугарските новинари.

-Многу брзо ќе стане јасно дали оваа земја сака да се движи кон Европа, рекол Радев.

-Мојот став во однос на РСМ секогаш бил отворен и конзистентен и како што беше со претседателите Горѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска-Давкова, нагласил тој, пренесуваат бугарските медиуми.

Радев истакнал дека отсекогаш ја поддржувал европската интеграција на Македонија, но со почитување на принципите на добрососедство и особено Копенхашките критериуми за членство. Според шефот на бугарската држава, тоа значи промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари, но и откажување и осудување на говорот на омразата што, според Радев, бил особено присутен во оваа изборна кампања, ревизија на учебниците, но и почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство на македонските Бугари.