Работилница на ЗНМ: Потребна е поголема свесност за почитувањето на авторските права


Преземањето фотографии е кривично дело, а „Гугл“ не треба да биде основен извор и архива. Ако за некоја фотографија на интернет нема наведено дека е дозволено споделувањети и под кои услови, тогаш се подразбира дека сите права се задржани и тогаш нејзино користење е можно само во договор со авторот.

Ова беше порачано на денешната работилница во организација на Здружението на новинари на Македонија на тема „заштитата на авторското право и другите сродни права во македонските медиуми – специфики и предизвици“.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски нагласи дека авторското право е законско право што ги штити зборовите на новинарите, фотографиите на фоторепортерите и креациите на уметниците да не се користат без нивна дозвола, нешто, што за жал гледаме дека се случува, особено во дигиталната ера, каде сите содржини често се дистрибуираат без нивните креатори да знаат или бидат платени.

-Како претседател на ЗНМ, навистина сум загрижен за овој тренд и сметам дека ова треба да биде еден од приоритетите во функционирањето на здружението, во насока на заштита на нашите права, истакна Чадиковски.

Драган Секуловски од ЗНМ, посочи дека само годинава има околу 15 случаи на пријави од фоторепортери на прекршување на авторско право, најчесто за преземање на фотографии и друг видео материјал за кои не се обезбедени права.

-Досега, дел од тие случаи беа решени со спогодба, меѓутоа сметам дека ова креира амбиент каде луѓето размислуваат два пати дали да преземат фотографија неовластени ли не. Затоа, целта на нашите активности не е да се направи само судска заштита, туку и да влијае на свеста на медиумските работници, уредниците и менаџерите на медиумите, изјави Секуловски.

Фоторепортерот Петар Стојановски, од секцијата на фоторепортери на ЗНМ, нагласи дека од педесетина останати се 12-13 активни професионални фотографи.

-Тоа се должи од не ангажирањето на медиумите, кои сметаат дека фотограф воопшто не треба да има. Со овие активности сакаме да се покаже дека, ова што се прави, преземањето фотографии е кривично дело, дека „Гугл“ не треба да биде основен извор и архива, нагласи Стојановски.

Според Дејан Георгиевски, од Центарот за развој на медиуми, во крајна линија ова е многу сериозно прашање бидејќи се работи за пари и многу пари, што не е уникатен проблем само за нас, посочувајќи дека и во Хрватска до 2005-6 година ги имале истите проблеми со слободно преземање и многу либерален третман на авторските права.

-Затоа го поздравувам обидот на фоторепортерите да се организираат, затоа што решавањето на овие прашања во Хрватска почна со тоа што фоторепортерите се здружија во две задруги, а вистински пресврт настана со влегувањето на Хрватска во ЕУ, посочи Георгиевски.

Адвокатот Иван Вришковски, посочува дека согласно закон авторите уживаат морални права кои се интелектуалната врска меѓу авторот и делото, материјални кои ги штитат имотните и финансиски интереси на авторот и други права, како право на пристап и надоместок од препродажба, умножување и издавање.

-Законот кај нас ги штити работодавците, односно медиумот, од причина што доколку во самиот договор не се наведе друга одредба, тогаш се применува законската, дека пет години авторското дело припаѓа на медиумот, а во Хрватска е обратно, доколку во договорот не потпишете дека го предавате авторското дело тогаш тоа е ваше, не е исклучиво предадено, појасни Вришковски.

Директорот на МИА, Драган Антоновски од друга страна, ја истакна потребата од поголема свесност во новинарската фела во однос на почитување на општо познатите правила.

-Мислам дека насоката во која треба да се работи е да се објаснат правилата. Има тука различни толкувања, различни комбинации и во Европа, не е се на ист начин, меѓутоа има правила и треба да се плаќа авторското дело, истакна Антоновски.

Оцени дека нема пракса на почитување на туѓото дело.

-И не се само авторските дела кај фотографиите, истото важи и за текстовите на новинарите. Ние имаме истражувачки приказни на кои новинарите на МИА кои ги работат и сега имаш во нив десетина изјави од различни лица ќе ја извадат само изјавата и тоа зборувам за телевизии, сериозни уредници кои да речеме функционираат и знаат што се авторски права и не наведува дека тоа е за МИА, појасни Антоновски.

Додаде дека треба да се направи кампања со медиумите и да им се посочи што е казниво и кои се правилните насоки.

-Има излезни решенија, меѓутоа е процес. Тоа не може со закон од утре е забрането и јас ќе те казнам. МИА ги ловеше тие што не ги плаќаат вестите и им праќавме пријави, опомени дека немаат право да ги користат и на крај луѓето се претплатија затоа што се поттикна нивната свесност. Така што, мислам дека оваа пракса може да се искористи, порача тој.

Раководителот на одделението за авторски и сродни права во Министерство за култура, Аце Стефановски, вели дека ние во голем дел сме усогласени со законодавството на ЕУ, но проблем е праксата и како тоа судски се третира.

-Во пракса кога имате законска одредба, тарифа или ценовник и договор, секогаш договорот додека важи е појак и од закон. За да се покрене каква било постапка, мора да дадете елементарен доказ, што во авторско право е чинот на прво создавање, прво објавување и третиот факултативен облик е регистрација во здружение или агенција. Тие елементи се секогаш докази и затоа после е спорно вештачењето, појасни Стефановски.

Работилницата е во организација на ЗНМ, а на иницијатива на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ и има за цел да ги собере професионалците, експертите и засегнатите страни од медиумската индустрија за да разговараат и да ги истражат критичните прашања околу заштитата на авторските права во контекст на македонските медиуми.