„Работата ќе биде многу, многу поголема“: Мицкоски најавува нови истраги за марихуаната
Премиерот Христијан Мицкоски денеска не откри во чие време бил донесен спорниот правилник кој овозможил производство на марихуана кое што не ги задоволува џи-ен-пи нормите, но најави нови сознанија од истрагата која ја врши Министерството за внатрешни работи, споменувајќи притоа „одредени телефони“, „одредени разговори“ и „друг тип на докази.
„Вистинското прашање е кој бил мотивот да се донесе таков правилник, ако знаете дека не може да го постигнете квалитетот за да се произведе масло кое што ќе се продава на пазарот и ќе ги исполнува нормите“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по неговата посета во Општина Кисела Вода.
Тој додаде дека треба да се направи сериозна истрага за условите под кои се произведува канабис за медицински намени во нашата земја. Ова прашање излезе на виделина по скандалот со заплена на пет тони марихуана во Србија, за која се претпоставува дека потекнува од Македонија. Иако од Владата во повеќе наврати рекоа дека се уште нема потврда дека марихуаната била изнесена од нашата земја, сепак, тие презедоа масивна акција во која само во саботата запленија околу 40 тони марихуана, од фирми кои што се занимаваат со нејзино производство.
Според Мицкоски, ова е само почеток.
„Од тоа што го имаме како индиции, но и тоа кое што МВР го врши во истрагата, одредени телефони, одредени разговори и друг тип на докази, работата ќе биде многу, многу поголема. Многу, многу поголема“, нагласи Мицкоски.
Тој сепак, на директното прашање кој бил министер (за здравство, заб.) кога бил променет правилникот, избегна да даде конкретен одговор.
„Јасно е кој бил, во еден период таму беше и Филипче. Но, лиценците се една работа а втора работа е што е донесен правилник кој е ниво под законот, односно е подзаконски акт со кој што се дозволува да се произведува цвет од канабиос кој што не ги задоволува ‘џи-ен-пи’ нормите и тоа биле свесни дека ќе се случи. Логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото кое што се произведува не може да биде лиценцирано и да се најде во продажба“, рече Мицкоски .
На прашањето во однос на случајот со запленетата марихуана, дали ќе има некакви одлуки на денешната седница на Владата, тој одговори потврдно, иако поради други обврски, тој нема да ја води денешната владина седница.
„Па да, јас тоа го најавив дека во периодот којшто следи ќе се направи проверка и во други објекти. Денеска на Влада ќе се донесе тоа задолжение. Јас поради други активности нема да ја водам денешната седница, ќе ја води потпретседателот Димовски. Но, очекувам ваков тип на одлуки да бидат донесени и во деновите коишто следат да се проверат сите оние компании коишто добиле на некаков начин лиценца за да ја вршат оваа дејност“, рече Мицкоски
Тој додаде дека не би се изненадил ако се дојде и до 100 тони запленета марихуана.
„Па неколку десетици тони, не би се изненадил ако дојдеме и до сто тони на запленета марихуана.“