Работата и работните односи најчеста област на дискриминација, јавниот сектор најчест дискриминатор


Во вкупно 40 случаи од 167 претставки по кои постапувала Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година е утврдена дискриминација. Најчест основ на дискриминација бил лично својство и општествен статус, најголем број на претставки се од Скопје, а најчесто, како дискриминатор, се јавува јавниот сектор, покажува првиот Годишен извештај за заштита и дискриминација на КСЗД.

Во првиот Годишен извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се презентирани сите постигнувања и реализирани активности во 2021 година во насока на исполнување на надлежностите и обврските кои произлегуваат од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Претседателот на КСЗД, Кире Василев, изјави дека она што треба сега да го направат е да набљудуваат дали тие препораки ќе бидат спроведени, доколку не бидат спроведени, како што рече, ќе треба да спроведат прекршочна постапка. Претседателот посочи дека треба да ја рашират веста за постоењето на Комисијата.

– Претежно преовладува областа во работата и работните односи, пристапот до добра и услуги.
Често пати основот е етничка припадност, меѓутоа тоа не е релевантно бидејќи многу малку граѓани знаат дека Комисијата постои. Ако погледнете  кој поднел претставки, најголемиот број на претставки доаѓаат од Скопје, од центарот на Скопје и во наредната година, како Комисија, имаме предизвик да ја рашириме веста дека Комисијата постои отворено за сите граѓани, рече тој.

Генералниот заклучок, како што изјави Исмаил Камбери, заменик-претседател на Комисијата на денешното презентирање на Извештајот, е дека е вратена довербата на граѓаните во институцијата, за споредба со претходните години, бројот на претставки е трикратно зголемен.

– Во 2021 работиме со околу 167 претставки што е голем број во споредба со просекот од 60 претставки годишно во претходните години, рече тој.

Како што информираше Камбери, најмногу доминираат основите на боја на кожа, раса, социјално потекло и попреченост што, според него, укажува на недоволно сензибилитет кај граѓаните кон одредена група на категории.

Покрај 40-те случаи во кои е утврдена дискриминација, кај 39 се утврдило дека нема основ за истата. За 10 претставки Комисијата донела заклучок за непостапување, неповедување или запирање на постапката, а 41 претставки биле отфрлени поради утврдена ненадлежност, неуредност, застареност и недопуштеност.

Во однос на основите на дискриминација, подносителите во своите претставки најчесто пријавувале дискриминација врз основа на лично својство и општествен статус (43), потоа врз основа на национална или етничка припадност (38), врз основа на пол (23), политичко уверување (20), припадност на маргинализирана група (19), образование (17), боја на кожа (16), раса (15), сексуална ориентација, родов идентитет и социјално потекло (14), имотен статус (11).

Најголем број претставки по кои Комисијата постапувала во 2021 година биле поднесени во Скопје (92), потоа следува Битола (7), Прилеп (7), Штип (6), Куманово (5) итн.

Најчесто како дискриминатор се јавил јавниот сектор (во 24 случаи) и тоа, како преку дејствија на раководните лица, други овластени лица или вработени во институциите на јавниот сектор, така и преку акти или прописи кои ја уредуваат областа односно надлежноста на институциите. Приватниот сектор се јавува како дискриминатор во 10 случаи во 2021 година. Тука станува збор за сопственици, вработени или одговорни лица во фирми кои со свои дејствија извршиле дискриминација. Физички лица извршиле дискриминација во 4 случаи, а во по 1 случај Комисијата регистрира дискриминација која била извршена од страна на спортска федерација/спортски клуб и едно здружение на граѓани.

Ирфан Деари, член на Комисијата, ги сподели општите препораки одобрени од Комисијата во областа на еднаквоста и против дискриминацијата односно нивно мониторирање и имплементација.

– Во 2021 година Комисијата ги одобри следните општи препораки: општа препорака која има за цел заштита и пристап за имунизација за лица со попреченост во услови на пандемијата; општа препорака за промоција и заштита на човековите права и достоинството на лицата со попреченост кои служат казна, и почитување на нивниот физички и психички интегритет во текот на отслужувањето на казната во казнено-поправните установи и институции, нагласи Деари.

Меѓу општите препораки се наведуваат и препораките за имплементација на одредбите на Конвенцијата на лицата со попреченост во релевантните домашни законодавства за гаранција и промоција на човековите права и слободи за сите лица со попреченост без никаква дискриминација од тој аспект.

Препорака има и до Државната изборна Комисија за да ги презема сите потребни дејствија да се овозможи пристап и потребна регулација на избирачките места во најкус можен рок, коишто на лицата со попреченост ќе им овозможи еднаков пристап кон сите избирачки центри.

Деари потенцираше дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во април 2021 го има подготвено своето прво професионално мислење од своето постоење.

– Врз база на член 21 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата подготви професионално мислење за предлог за поставување на категоријата за етничка припадност во личните карти, којашто е во предлог-законот за промена и дополнување на законот за личните карти.