Quo vadis, Domine?
Звонко Давидовиќ
Месечината високо на небото, срамежливо ѕирка низ загадениот воздух, а ѕвездите воопшто не се ни гледаат. Исто е и дење кога сонцето повеќе го чувствуваме отколку што го гледаме. Не гледаме далеку, одвај малку подалеку од носот и од сопствениот интерес, воопшто сме слабогледи и кусогледи во денешницата, во овој 21 век. 2018 години по Христа стануваме во темница, живееме во темнина, размислуваме и дејствуваме кусогледо, парцијално и себично. Quo vadis, Domine?- го прашал св. Петар Исуса и го добил одговорот. Каде одиме ние, се прашувам и одговорот го немам. Совршенството на природата и магијата на мајката планета Земја го нарушивме, себично и натрапнички ја силуваме оставајќи длабоки отворени рани на нашата иднина и на иднината на нашите деца. Само во неколку генерации успеавме да ја смениме климата на Земјината топка немилосрдно грабајќи, пустошејќи и уништувајќи заради алчноста на малкумина, а глупавоста на многумина. Полека но сигурно ги пустошиме до истребување дождовните шуми, океаните ги загадуваме до неупотребливост, езерата ги бербатиме до непрепознатливост. Сечеме шуми и уриваме брда само за да можеме на моќниците да им изградиме замоци, зданија, симбол на нивната моќ, а нашето полтронство. Слоновите, тигрите, орлите и многу други видови животни, симболи на природата и планетава се пред истребување, без причина, без повод, од бес и од глупавост. А кога ќе ги снема, ги величаме, правиме приказни, серии и филмови без трошка срам и каење. Каде тоа одиме ние.
Во само неколку генерации успеавме да ги истребиме Астеците, Маите, Индијанците, Абориџините, сите оние што живееле во природата и со природата, ја разбирале и соработувале со неа. Ги прикажувавме како ретроградни, кочничари, пречка за развојот и напредокот, им ја припишувавме нашата суета и огромното незнаење за да ги истребиме заради нафтата, железницата, нивните полиња и планини, а всушност ги егзекутиравме поради различноста, незнаењето, алчноста. А, кога ги снема од лицето на земјата, почнавме да создаваме митови од нивната култура, легенди од нивните поглавици, глумејќи разбирање и широкоградост со сѐ уште крвави раце од нивната крв. Какво лицемерие, каков бесрам… Каде одиме ние тоа Господе? Во неполни сто години водевме две светски војни и ја изменивме историјата на човештвото, но го изменивме и моралниот код на луѓето. Ја воведовме бруталната сила како средство на дипломатија, како одговор на секој проблем. Големите сили без трошка срам ги асимилираа малите народи, наметнувајќи им ги демократијата и човечките права со бомби, тенкови, бајонети. Без судење и трошка човечност, егзекутираа големите секого на кого ќе впереа прст нарекувајќи го тиранин што ја суспендирал демократијата. Таму каде што мораа поради театарот формираа меѓународни судови изземајќи се себеси од нивната јурисдикција. Какво лицемерие, каква бесрамност. Каде тоа оди човештвото?
Во само две и пол децении државност успеавме да го уништиме сето она што го граделе генерации пред нас сонувајќи за самостојна Македонија. На секое поле, во секоја сфера на општественото битисување назадувавме освен во лоповлукот, лицемерието и егоизмот. Воведовме поделба на власта, но законодавната и судската играат сѐ уште по нотите и нарачката на извршната власт. Воведовме демократија, каде што секој е еднаков во своите права, но само додека тие права му одговараат на моќникот кој ја стопанисува државата. Слободата на говорот е загарантирано право само и само тогаш кога не е вперено против власта, во спротивно тоа е ситна дневно-политичка ујдурма на противничката партија. Слобода на медиумите е право да се пишува за сѐ она што не ја допира или критикува власта. Секој е еднаков пред законот само некои се малку повеќе еднакви од другите. Притворот е мерка која задолжително се изрекува за оние помалку еднаквите со двојно дејство, воспитно и образовно. Образованието и вработувањето се загарантирани ако си член на политичка партија. Сите одговорни за сваровски-судството, местените предмети, злупотребениот АКМИС, заробената држава и урнисаните институции се сѐ уште на своите места и го работат истото она што го работеле и досега, и никому ништо. И така редум во секое поле на општествениот живот и човечките права и слободи. А тоа што луѓето живеат тешко, што не се задоволни и што укажуваат на проблемите и недостатоците, тоа е само збеснат народ на кого противниците му всадиле заблуди и лаги без основ. Тоа што неодговорните никој не ги повикува на одговорност и што наеднаш се сите жртви на режимот, тоа е само наш менталитет. Впрочем, тек ни претстои реформа, да се реформира она што веќе го реформиравме пред неколку години или избори, исто како пред тоа, и пред тоа, и пред тоа. Каде тоа сме тргнале ние?