Светот го помина врвот на ерата на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно важеше за најмоќната и најнепредвидливата сила на меѓународната сцена, сега го помина врвот на својата способност да го нарушува меѓународниот поредок. Со оглед на тоа што неговиот рејтинг на популарност драстично опаѓа, странските лидери, чии мандати ќе траат подолго од неговиот, почнуваат да го отпишуваат
На Генералното собрание на ОН минатиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп одржа победнички говор. Една деценија откако им рече на своите поддржувачи дека ќе нареди толку многу победи што „можеби дури и ќе се уморите од победување“, тој претстави листа на успеси, вклучувајќи го завршувањето на осум војни, акцијата против „насилникот од Блискиот Исток“ – Иран, договорот со Данска за Гренланд и апсењето на венецуелскиот „диктатор-одметник“, Николас Мадуро.
Треба да му се признае на Трамп дека некои од овие победи се значајни. Тој посредуваше во кревок, но важен прекин на огнот во Газа, а неговата интервенција во Венецуела – иако спротивна на меѓународното право и сега главно фокусирана на „пленот“ од ресурсите на земјата – сепак го отстрани долгогодишниот противник на САД и создаде можност (иако далечна) за слободни и фер избори за првпат по повеќе од десет години.
Но, неговиот говор откри и нешто друго: сè поголемите ограничувања на неговата моќ додека влегува во фазата на претседателствување во која ја губи политичката тежина (т.н. „куца патка“), се соочува со пад на рејтингот и комуницира со лидери чии мандати ќе траат многу подолго од неговиот. Некогаш најмоќна и најнепредвидлива сила на меѓународната сцена, Трамп сега го помина врвот на својата способност да го нарушува меѓународниот поредок.
Доказите за опаѓачкото влијание на Трамп можат да се видат во неговите клучни приоритети: царините, војната со Иран и спроведувањето на имиграциските закони. Претходно оваа година, Врховниот суд ја поништи неговата одлука за користење вонредни овластувања за воведување царини, а уште пред таа одлука, Трамп се соочи со ограничувањата на својата моќ за време на кратката трговска војна со Кина, која на неговата царинска стапка од 145% одговори со сопствена стапка од 125% и со запирање на извозот на клучни минерали.
Како резултат на тоа, Трамп не само што ги ублажи своите политики кон Кина, туку и речиси целосно го промени својот став, приредувајќи свечен пречек за кинескиот претседател Ши Џинпинг за време на неговата неодамнешна посета на Вашингтон. Трамп дури и лично го пречека Ши на аеродромот – што претставуваше прв случај американски лидер да приреди такво добредојде за државна посета уште од 1962 година – и понуди да ѝ продаде оружје на Кина (со што го прекрши американскиот закон).
Слично на тоа, кога Трамп се обиде да го зголеми трговскиот притисок врз Канада, канадскиот премиер Марк Карни возврати со контра-царини и нова стратегија на „средна сила“. Иако Трамп правилно процени дека има економска предност пред Канада (бидејќи над 70 отсто од канадскиот извоз оди во САД), тој го потцени дисбалансот на моќ меѓу себе – како непопуларен лидер на кого му преостануваат само две години од мандатот – и Карни, чиј рејтинг на одобрување од над 60 проценти би можел да го задржи на функцијата уште долги години. Сега Канада размислува уште поамбициозно, градејќи поблиски врски со Европската унија и обидувајќи се да вклучи и други земји, како што се Австралија и Обединетото Кралство.
Трамп наиде на слични ограничувања и во однос на конфликтот со Иран. По обидот да издејствува брза промена на режимот без притоа да распореди копнени сили неопходни за таа цел, неговата администрација беше затекната од иранското преземање на контролата врз Ормускиот теснец и се најде во ситуација да не може да постигне траен договор за негово повторно отворање. Уште полошо, задачата на Трамп за решавање на конфликтот дополнително се усложни поради фактот што Иранците повеќе не им веруваат на американските договори. На крајот на краиштата, токму Трамп беше тој што го поништи првичниот нуклеарен договор на американскиот претседател Барак Обама, а потоа го нападна Иран додека земјата активно преговараше за нов договор.
Стратегијата на Иран сега е да го чека крајот на мандатот на Трамп, надевајќи се дека економскиот притисок од затворањето на теснецот и неговиот сè помал политички капитал на крајот ќе го принудат да понуди поголеми отстапки. Трамп се обиде да покаже дека нема да попушти – преку закани за „уништување“ на земјата, нагласување дека евентуалниот пораз на изборите во средината на мандатот нема да ја промени неговата стратегија и испраќање нови сили на Блискиот Исток – но Иран останува непоколеблив.
На домашен план, клучните политики на Трамп за имиграцијата исто така наидуваат на отпор. Претходно оваа година, операцијата „Метро сурџ“ во Минесота предизвика толку големи немири што „царот за гранична безбедност“ Том Хоман мораше да ја прекине иницијативата. Сега, републиканците во Конгресот – од кои многумина се кандидираат за реизбор овој ноември и се соочуваат со мали шанси за успех поради падот на рејтингот на Трамп – почнуваат да се дистанцираат од него. Дури и Џим Џастис, долгогодишен сојузник на Трамп во Сенатот кој размислува да се кандидира за гувернер на Западна Вирџинија, тврди дека администрацијата „прави грешка“ со својата политика за имиграција.
Трамп, се разбира, останува значајна фигура на глобалната сцена, бидејќи ја предводи најмоќната војска во светот и може да се пофали со динамична домашна економија. Сепак, со оглед на тоа што јазот меѓу неговите амбиции и можности се зголемува, нивото на глобален ризик поврзан со него опаѓа во сите области освен во една: вештачката интелигенција, каде што неговиот капацитет да го наруши глобалниот поредок расте.
Трамп ја отфрли можноста за регулирање на вештачката интелигенција со цел да „победи“ во трката со Кина, и покрај сè почестите безбедносни инциденти (од обиди на корисници да развијат биолошко оружје до бранови хакерски напади) документирани од американски компании како „ОпенАИ“ и „Антропик“. Со тоа, тој создаде речиси извесна можност порано или подоцна да дојде до криза предизвикана од вештачката интелигенција. Како и во случаите со трговијата, Иран и спроведувањето на имиграциската политика, ваквиот развој на настаните ќе ескалира на начини што во моментов се непредвидливи, нудејќи на крајот уште еден доказ за ограниченоста на неговата моќ во последните години од неговиот претседателски мандат.
(Ијан Бремер, основач и претседател на „Eurasia Group“ и „GZERO Media“, е член на Извршниот комитет на Советодавното тело на високо ниво на ОН за вештачка интелигенција. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)