Луна-паркот недостижен како Месечината
Пропаѓањето на тенедерот за луна-паркот во Скопје е уште еден доказ за епската неспособност на оние што владеат да го испорачаат она што го најавуваа, а не да даваат само лесни ветувања
Само на ветувања остана изградбата на луна-паркот во Скопје! Покрај ветувањето за панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити, актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој и во предизборната кампања често ја споменуваше изградбата на луна-паркот, во декември лани најави дека почнува изградбата, а дополнително рече дека паркот ќе биде прилагоден и за лицата со попреченост.
Колку иронично звучи најавата на Ѓорѓиевски од декември лани кога кажа: „Почитувани скопјани, со особено задоволство сакам да ве информирам дека по долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот луна-парк. По изминати децении, во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град. Пред нас е изградба на ултра модерен луна-парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди. Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава“.
Денеска кога знаеме дека пропаднал договорот за изградба на луна-паркот во Скопје, склучен во мај со фирмата „Мастеф“, која настапила во група со „Пирамид билдинг солушнс“ (фирма која за властите не само што чисти улици, туку и гради настрешници на Министерството за надворешни работи), како и со поддршка на два подизведувачи – „Жикол“ и „Геоконтрол“, сето ова делува и лицемерно.
Сѐ што успеа да направи сегашниот градоначалник на Скопје, во врска со луна-паркот е уривањето на дискотеките изградени во близина на парк за забава за децата. Тој, што функционираше од 1973 до 2017 година, кога старите реквизити беа размонтирани и продадени. Според планот на тогашниот градоначалник Коце Трајановски (ВМРО-ДПМНЕ) луна-паркот требаше да се протега на приближно иста површина како стариот, се купија дел, односно седум нови тобогани, адреналински реквизити и атракции, кои скапуваа во депоа, за кои, покрај целосната цена за купување, секоја година се плаќаше лежарина, додека не решат градските власти да ги постават. Требаше да се постават вкупно 27 реквизити, а Градот требаше да ја изгради инфраструктурата и придружните објекти.
Со смената на градоначалникот, кога власта ја презеде Петре Шилегов (СДСМ), тој на прес-конференција објасни каква е состојбата на купените реквизити, прогласи дека тоа не може да се направи по замислата на Трајановски, а потоа италијанска фирма донираше план за новиот луна-парк, во кој требаше да се искористат веќе купените реквизити и да се заокружи целиот проект. Но, и од тоа ништо не се случи. Останаа само најавите и плановите, реализацијата како и за многу други работи, остана за следниот градоначалник.
Сега, веќе станува јасно дека носталгичните родители, кои поминувале прекрасни денови со своите семејства во седумдесетите, осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, токму во скопскиот луна-парк, нема да можат да им го овозможат тоа искуство на своите деца и внуци. Данела Арсовска (поддржана од ВМРО-ДПМНЕ), која го наследи Шилегов не придонесе многу за напредок во изградбата на луна-паркот, но затоа пак Орце Ѓорѓиевски многу возбудено ги даваше најавите за луна-паркот, а со тонот на гласот оставаше впечаток дека тоа е завршена работа. Ќе мора да се направи и Скопје и скопјани конечно ќе го добијат тоа што им било ветувано, а досега неостварено.
Еве, една година од почетокот на мандатот на овој градоначалник, кој наследи и титула Скопје – Европски град на културата 2028, луна-паркот не е ништо друго освен празен простор, со руини затскриени зад растенијата кои слободно го освојуваат Градскиот парк. Дискотеките се урнаа, се стави катанец на влезот во (пра)стариот градски парк, а веселите бои на неколкуте објекти остануваат жално да сведочат за една детска радост која остана во минатиот век.
Овие нови генерации ќе израснат во луѓе слични на своите родители, кои жалат што Скопје имал, а повеќе нема луна-парк, само што нивните родители можеби и го виделе и го доживеале скопскиот, а младиве, ако сакаат, тоа мора да го направат во околните земји, каде функционираат луна-паркови.
Политиката на откривање на грешките на претходникот и непродолжување на проектите, макар и со малку поместен правец, за да одговара на политичката провиниенција на актуелниот градоначалник, не го прави херој, ниту поразлечен од претходниците. Гласното зборување секогаш кога има потреба вниманието да се насочи кон нешто ветено и ненаправено, но без подлабоки последици и по граѓаните и по политичарите вешто се користи. Сепак, останува впечатокот дека повторно сме прелажани од големото политичко „ќе“, што никако од идно непочнато, да премине во сегашно корисно.
Забавните паркови и игротеки во затворен простор не можат да го надоместат задоволството од тоа да се погледне паркот од височина кога ќе ве крене панорамското тркало. Не се надоместува ни конфузниот поглед на околината исполнета со замачкани природни бои, како кога ќе ве заврти вртелешката. Не може да се доживее ни недостижноста на оној пред вас, кој вреска од задоволство додека се вртите на рингишпилот. Малкуте прилики кога доаѓа некој патувачки рингишпил во градот, не даваат можност за сите да го посетат, а знаеме и дека „Зимзоленд“ се најде под клуч неколку дена по отворањето, заради безбедносни пропусти и немање кој да ги провери реквизитите.
Луна-паркот во Скопје е недостижен за скопјани како Месечината за Македонците. До името е!