Путин ги предупредил Макрон и Шолц да не ја вооружуваат Украина
Рускиот претседател Владимир Путин утрово разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Путин им рекол на двајцата лидери дека снабдувањето со оружје за Украина е „опасно“, предупредувајќи „на ризиците од понатамошна дестабилизација на ситуацијата и влошување на хуманитарната криза“, соопшти Кремљ.
Путин, исто така, рече дека е подготвен да бара начини да се испорача житото заглавено во украинските пристаништа за време на воената кампања на Москва, се додава.
„Русија е подготвена да помогне да се најдат опции за непречен извоз на жито, вклучително и извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море“, соопшти Кремљ.
„Зголемувањето на понудата на руски ѓубрива и земјоделски производи, исто така, ќе помогне да се намалат тензиите на глобалниот пазар на храна, што, се разбира, ќе бара отстранување на соодветните санкции“, велат од Москва за разговорот.
„Посебно внимание“ беше посветено на преговорите меѓу Украина и Русија, „кои се замрзнати по вина на Киев“, соопшти Кремљ.
„Владимир Путин ја потврди отвореноста на руската страна за продолжување на дијалогот“.
Макрон и Шолц пак побараа од Путин да ослободи 2.500 украински борци заробени во фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
„Претседателот на Републиката и германскиот канцелар побараа ослободување на околу 2.500 бранители на Азовстал, воени заробеници од страна на руските сили“, соопшти француското претседателство по телефонскиот разговор меѓу тројцата лидери.