Пушењето значи поголема опасност при зараза со Ковид-19


 Пушачите треба да ја сфатат пандемијата како најсериозно предупредување за веднаш да се запре оваа лоша навика, сметаат лекарите.

Истражувањата покажуваат дека кај пушачите има поголема веројатност да се разболат, па дури и да починат ако се заразат со корона вирусот, отколку кај непушачите. Пушењето ги оштетува белите дробови и тоа е главната причина за поголемата опасност.

– Откажувањето од пушење ја намалува опасноста од тешки симптоми на Ковид-19 релативно брзо. Не истата секунда, но секој ден сѐ повеќе. Ниту едно делче од белите дробови не е заштитено од пушењето. Колку повеќе и подолго пушите, толку е поголема штетата, вели пулмологот и интернист Стефан Андреас, член на Германската фондација за болести на белите дробови.

Истиот совет го дава Светската здравствена организација (СЗО), која посочува дека пушачите се со поголема веројатност да се заразат со корона вирусот.

– Исто така, ризикот е околу 30 отсто поголем за поранешен пушач кој пушел кутија цигари на ден, отколку кај личност која никогаш не била пушач, вели д-р Андреас. – Ова значи дека и пушачите и поранешните пушачи мора да бидат особено внимателни во однос на заразата со корона вирус и да ги почитуваат сите мерки за заштита.