Пума нападна дете во национален парк во САД, извршена е евакуација
Осумгодишно момче е полесно повредено во напад со пума во Олимпискиот национален парк во државата Вашингтон, соопшти Службата за национални паркови.
Нападот се случил во петокот вечерта, а пумата се откажала од нападот откако мајката на момчето почнала да вика, пренесува NBC.
Повредите биле полесни, па момчето било примено во болница само на преглед.
Вработените во паркот започнаа потрага по пумата и таа треба да биде еутаназирана според долгогодишните упатства, соопштија од службата на паркот.
Областа каде што се случи нападот е евакуирана, камперите кои биле таму морале да си заминат, а пристапот бил забранет до понатамошно известување.
Олимпискиот парк, во близина на границата меѓу САД и Канада, се наоѓа на околу 135 километри северозападно од Сиетл.