Пукање во САД: Девет ранети, дете (8) и мајка во кома. Напаѓачот пронајден мртов


Осомничениот за пукање во воден парк во близина на Детроит е пронајден мртов во блискиот дом, потврди на прес-конференција шерифот на округот Оукланд, Мајкл Бушар. Во престрелката мажот ранил девет лица, меѓу кои и осумгодишно момче кое било застрелано во главата и се бори за живот.

Сè започна кога маж вчера околу 17 часот по локално време испукал околу 30 истрели од полуавтоматски Глок калибар 9 мм во паркот Бруклендс Плаза Сплеш Пад во Рочестер Хилс, Мичиген. Вооружениот напаѓач го наполнил пиштолот неколку пати, објасни Бушар.

Водениот парк беше полн со семејства кои бараа спас од жештините. Во престрелката е ранет и помладиот брат на осумгодишното момче (4), кој е погоден во ногата и е во стабилна состојба. Нивната мајка е во критична состојба откако била ранета во стомакот и ногата.

Останатите шест жртви, сите над 30 години, се во стабилна состојба.

„Во тој хаос, луѓето паѓаа, се удираа и се обидуваа да побегнат. Страшни работи кои за жал сите сме ги виделе премногу пати. Напаѓачот очигледно не брзал. Само мирно се вратил кон својот автомобил “, истакна Бушар.

Рочестер Хилс се наоѓа на околу 50 километри северно од Детроит. Соседната заедница Оксфорд Тауншип, исто така во округот Оукленд, беше сцена на масовно пукање во училиште во 2021 година во кое тогаш 15-годишниот ученик Итан Крамбли уби четворица ученици и рани уште шест ученици и наставници во средното училиште Оксфорд.

„Ова е удар во стомакот за нас овде во округот Оукленд. Поминавме низ толку многу трагедии. Ние дури и не разбираме целосно што се случи во Оксфорд“, истакна Бушар. Гувернерката на Мичиген, Гретчен Витмер, на X изјави дека нејзиното „срце се скршило“ кога дознала за пукањето во Рочестер Хилс.