Прво Скопјани, па светот: „Баклава“ го промовираше новиот албум посветен на Скопје


Во Аудиокултура денес се оддржа промоција на новиот албум од Баклава: “За Скопје со љубов”. Ова е петти албум на групата кој го посветуваат на својот град. Бендот го продолжува своето музичко патување, но овој пат остануваат дома и ги раскажуваат приказните на Скопје. Не само за неговите населби, маала и други топоними туку и менталитетот и љубовите на неговите граѓани.
 
 
На новинарите се обрати Елена Христова, која е автор на целиот албум како продуцент, композитор, аранжер но и на текстовите кои ги подели со Сибо (перкусии). Другите учесници се: Владимир Стојчевски (бас), Тимко Чичаковски (канун), Дејан Теодосиевски (виолончело) и Петар Христов (саксофон). Програмирање и продукција е на Дени Крстев од студиото 1060, без кој немаше да го има звукот на различни музички правци, додека омотот го дизајнираше Моника Муличковска.
 
 
 
Ова беше специјална домашна промоција, пред изданието да биде објавено од германска издавачка куќа на 23 јуни, и ќе се најде по сите стриминг платформи. Компакт дискот а наскоро и винилот ќе можат да се набават од официјалните страници на Баклава, како и други музички продавници во Македонија и светот.
Од 19, 30 часот во концептот “Live at Audiokultura”, Баклава во живо ќе го изведе својот нов албум.