Прв потег на Милановиќ по изборниот триумф: Пратил писмо до Пленковиќ да се свика Советот за одбрана


Илустрација

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска му предложи на премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ да ја свика 16-тата седница на Советот за одбрана. Предлог на претседателот Милановиќ е седницата да се одржи во наредните две недели, соопштија од Пантовчак, јавуваат хрватските медиуми.

Претседателот Милановиќ предложил и теми за кои ќе се разговара на седницата на Советот за одбрана: (1) подготовка и усвојување на Стратегијата за одбрана на Република Хрватска, (2) подготовка и усвојување на Долгорочниот план за развој на вооружените сили на Република Хрватска и (3) разгледување на потребата и спроведување на воведување задолжителна воена служба во Република Хрватска.

Во својот предлог да се свика седница на Советот за одбрана, претседателот Милановиќ истакнал дека е отворен за договор за проширување на дневниот ред на предложената седница доколку премиерот оцени дека е потребно да се разговара за други теми поврзани со одбраната.

Според член 11 став 1 од Законот за одбрана седница на Советот за одбрана заеднички свикуваат претседателот на Републиката и претседателот на Владата.