Во јули забележан прв месечен раст на буџетските приходи од почетокот на корона кризата

Фото: Б. Грданоски

Заедно со јули, кумулативно од почетокот на годината, падот на приходите во однос на минатата година е намален на минус 7,4 отсто, додека заклучно првото полугодие кумулативно изнесуваше 9 отсто во однос на лани

Во јули се забележува прв месечен раст на приходите во буџетот од почетокот на КОВИД-19 кризата, со месечен раст од 1,4 отсто во однос на лани. Ова се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци, соопшти Министерството за финансии.

По реализацијата во јуни која бележеше значително подобра наплата на приходите од април и мај, по олабавување на рестрикциите и реотварање на економијата, резултатите за јули укажуваат дека ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика, велат од Министерството.

Од таму објаснуваат дека вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари. Даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари, или 1,7 отсто помалку од лани. Данокот на додадена вредност за првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2 отсто, што следи по падот во јуни од 7,5 отсто, и високиот пад во мај и април од минус 33 и  минус 43,5 отсто респективно. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3 отсто, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4 отсто, додека помала наплата иам кај акцизите и данокот на добивка.

Придонесите забележуваат раст од 11,9 отсто во однос на истиот месец лани, со што продолжува добриот тренд на наплата на продонесите од јуни, кога беше забележана иста стапка на раст од 12,3 отсто. Растот на придонесите во време на криза во голема мера може да се препише на мерките кои ги презема Владата односно поддршката од 14.500 ден по вработен заради исплата на платите за април, мај и јуни.

Заедно со јули, кумулативно од почетокот на годината, падот на приходите во однос на минатата година е намален на минус 7,4 отсто, додека заклучно првото полугодие кумулативно изнесуваше 9 отсто во однос на лани. Даночните приходи сега бележат пад од 11,3 отсто кумулативно, додека заклучно првото полугодие бележа пад од 13 отсто во однос на лани.

Придонесите бележат раст од 8,6 отсто во однос на истиот период период лани, додека заклучно првото полугодие бележеа раст од 8 отсто. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување на  работните места во борба против КОВИД-19 кризата даваат резултати.

Расходната страна заклучно јули бележи раст од 11,6 отсто на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против КОВИД-19 кризата. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од КОВИД во износ од околу 6,9 милијарди денари. Исто така и капиталните расходи се повисоки за 14,4 отсто во однос на лани.

Дефицитот заклучно со јули е реализиран 4,76 отсто од БДП и е согласно планираната динамика со Ребалансот.

-И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД, извршувањето на буџетот се одвива по план. По реализацијата на вкупните приходи во јуни кои изнесуваа минус 9,6 отсто споредено со лани кога рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат и економската активност да заживува, позитивната реализација во јули со раст од 1,4 отсто говори дека заживувањето се одвива со добра динамика. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови, односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарувања кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данок. Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното опоравување на домашната економија и заживување на економската активност ќе продолжи со засилено темпо. Со оглед на непредвидливоста која ја носи оваа пандемија, финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евенутален втор бран, – вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Инаку, Министерството за финансии во насока на поголема транспарентност, од почетокот на КОВИД -19 кризата, порано го објавува месечното извршување на буџетот, односно наместо на крајот на месецот – се известува на почетокот на месецот за реализација на буџетот, се вели во соопштенињето до медиумите