Протести во Франција против воведување ковид сертификати
Франција – Стотици луѓе синоќа протестираа во Париз против воведувањето ковид сертификати за одредени активности и против задолжителните вакцини за здравствените работници.
– Влеговме во четвртиот бран, рече портпаролот на владата Габриел Атал.
За 24 часа се евидентирани 18.000 нови случаи, што претставува зголемување на циркулацијата на вирусот од околу 150 отсто во текот на една недела.
Премиерот Жан Кастекс на првиот француски телевизиски канал ТФ1 вчера изјави дека се неопходни поостри мерки поради ширењето на заразниот Делта сој, кој доминира во Франција, и дека нови затворања не се исклучени.
За законот, кој го опфаќа ковид сертификатот и други мерки, Парламентот ќе гласа на оваа недела.
Со законот ќе се воведат некои најстроги епидемиолошки мерки во Европа, како што се задолжителна вакцинација за здравствените работници и десетдневна самоизолација за луѓето со позитивен тест.
Целта во моментов во Франција е до крајот на јули да има 40 милиони први инјектирани дози на вакцини. Во моментов една доза примиле 38,1 милион жители.