Протести на работници и студенти во Венецуела со барања за повисоки примања
Работници и студенти од Централниот универзитет на Венецуела (UCV) повторно излегоа на протести, барајќи повисоки примања. Тие повикаа и на нов голем протестен собир на 9 април пред зградата на Владата во Каракас.
Работниците и студентите се собраа во кампусот на Универзитетот, по што излегоа на протест барајќи зголемување на минималната плата. Минималецот во земјата веќе четири години е замрзнат на 130 боливари, што според официјалниот курс на централната банка на Венецуела изнесува околу 0,28 долари.
Хосе Патинес, генерален секретар на синдикатот при Министерството за надворешни работи, упати повик до Венецуелците на марш до Каракас, да побараат одговор од Делси и Хорхе Родригез за тоа каде се парите на граѓаните на Венецуела.
Патинес додаде дека ќе побара одговорност од вршителката на должност претседател на Венецуела Делси Родригес и нејзиниот брат, претседателот на Парламентот Хорхе Родригес, поради постојаните проблеми со водоснабдувањето и електроснабдувањето во земјата.
„Престанете со изговорите, престанете да ги лажете Венецуелците. Ако не можете да ја вршите работата, отстапете“, изјави тој.
Инаку, трошоците за потрошувачката кошничка за едно семејство месечно во Венецуела минатиот месец достигнале 645,6 долари. Според невладиниот Центар за документација и анализа на Федерацијата на наставници на Венецуела, минималната плата покрива само 0,05 проценти од трошоците на петчлено семејство.
Централната банка на Венецуела овој месец соопшти дека во првите два месеци на календарската година инфлацијата во земјата достигнала 51,9 проценти, со раст на цените од 14,6 проценти во февруари и 32,6 проценти во јануари.