Протести и блокади на 50 локации низ Србија поради рудникот Рио Тинто


Србија– Иницијативата „Еколошко востание“ денеска ги повика граѓаните да ги блокираат патиштата низ Србија на еден час, додека иницијативата „Движи-Промени“ се откажа од организирање прослава на Плоштадот на Републиката во Белград бидејќи беа исполнети двете првични барања за протести – Законот за експропријација е повлечен, а законот за референдум и народната иницијатива е изменет, јави дописникот на МИА од Белград.

„Еколошкото востание“ најави дека собирот во Белград почнува во 13 часот пред Сава центар, а блокадата во 14 часот, каде ќе им се обрати Драган Миловановиќ Црни, момчето кое го запре багерот во Шабац при првата блокада на патиштата во Србија.

Целта на новите блокади е дефинитивното протерување на Рио Тинто од Србија.

Александар Јовановиќ Чута од „Еколошкото востание“ порача дека блокадите ќе се организираат на вкупно 50 локации низ Србија.

Тој изјави дека оваа одлука за продолжување на протестот ја поддржале 40 организации и дека се договориле пред се да бараат Рио Тинто да се избрише од просторниот план на Лозница.

Според него, по блокадата во фокусот ќе биде Лозница и седницата на градското собрание, кое одбива да расправа за бришење на проектот Јадар од просторниот план.

Здружението на еколошките организации на Србија, исто така, објави дека за реализација на својата цел го смета прекинот на сите истражувања на странски компании и забраната за експлоатација на минерални суровини на територијата на Србија. Тие најавија дека ќе продолжат со протести од различни форми и блокади.

Саво Манојловиќ, од иницијативата Движи-Промени, иако првично најави прослава на Плоштадот на Републиката доколку формално и законски се исполнат барањата, се откажа од прославата.

– Нема да правиме никаква прослава додека луѓето кои се бореа со нас рамо до рамо продолжуваат да се борат, изјави тој.

И претседателот на Демократската партија (ДС) Зоран Лутовац, изјави дека во сабота демократите ќе бидат таму каде што ќе има протести .

„Еден од пет милиони“, исто така, најавија присуство на протестите.