Проширувањето е на маргините на шведското претседателство со ЕУ

Во објавената програма на шведското претседателство, проширувањето на ЕУ се споменува само во неколку општи реченици


 

Има четири клучни теми на кои ќе се концентрира претседателството на Шведска со ЕУ, а проширувањето на блокот не е ни блиску до врвот. Кога во декември новиот шведски премиер на трипартитната малцинска влада, Улф Кристерсон ги претстави приоритетите на Шведска за ЕУ пред парламентот во Стокхолм тој наведе четири точки – безбедност, издржливост, просперитет и демократски вредности и владеење на правото.

Шведска го презеде претседателствувањето со ЕУ од Чешка и ќе се обиде да придвижи околу 350 досиеја на блокот во шест месеци до 1 јули, кога ќе ѝ ги предаде на Шпанија.

Ако се исклучат досиејата кои се непосредно врзани за активностите со внатрешното функционирање на ЕУ од темите што се надвор од Унијата најмногу се споменува Украина, како да ѝ се помогне на нападнатата земја и преку одбраната на нејзината независност да се одбрани и Европа.

Во објавената програма на шведското претседателство, проширувањето на ЕУ се споменува само во неколку реченици. Најпрво во главата за „Општи работи“ каде се наведува само ова:

„Претседателството ќе ја следи одлуката на Европскиот совет за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија и да понуди европска перспектива на Грузија, и ќе продолжи процесот на интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Иднината на овие земји и нивните граѓани лежи во ЕУ. ЕУ треба да продолжи да ги поддржува овие земји во нивните напори за спроведување на реформите како дел од процесот на пристапување. Реформите во областа на судството и владеењето на правото се клучни“.

Проширувањето едвај да се споменува во поглавјето за надворешните работи на ЕУ во програмата на Стокхолм:

„Шведска го презема претседавањето со Советот на ЕУ во време кога беснее војна во Европа. Руската инвазија на Украина значи дека заедничката надворешна и безбедносната политика ќе биде високо на агендата на ЕУ за време на шведското претседателство.

Во интерес на ЕУ е да придонесе за спротивставување на руската агресија. Континуирана поддршка за Украина – политичка, економска, воена, хуманитарна и легална – ќе бидат критична, како и разни видови мерки како одговор на руските агресија и дејствување во голем број области погодени од војната. Ова го вклучува тековниот процес на проширување, соработката со нашите клучни партнери, како што се Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, подобрување на способноста на ЕУ за управување со кризи и пошироката глобална агенда“.

А понатаму се додава една реченица: „Безбедносните случувања во Западен Балкан се важни и за регионот и за ЕУ“.

Ако се суди според објавената програма шведското претседателство ќе се грижи помалку за проширувањето отколку неговите претходници Чешка и Франција. Можеби тоа е резултат и на влијанието на крајнонесничарската партија Шведски демократи, која има неонацистички корени. Таа не е во владата, но со нејзината надворешна поддршка малцинскиот кабинет може да владее во Стокхолм. Таа повеќе се залага за независност на земјите-членки отколку во конципирање на заедничка европска политика.

Но во шведскиот европски тим има една личност која е многу поврзана со проширувањето на ЕУ и која ѝ е добро позната на владите во регионот – Кристијан Даниелсон. Многу македонски министри и политичари соработуваа со Даниелсон кога тој беше на клучни места во Европската унија.

Даниелсон во шведскиот тим е назначен како државен секретар на министерката за европски прашања Џесика Росвол и ќе работи на координација на шведското претседателство со Советот на ЕУ.

Даниелсон е ветеран од бриселски ходници: тој работеше во сите три институции на ЕУ и во тој процес изгради огромен број контакти. Неговата улога беше клучна во времето кога беше задолжен за проширување на блокот за време на првото претседателство на неговата земја во 2001 година. И беше постојан претставник на Шведска во ЕУ за време на второто претседателство на земјата во 2009 година.

Тој работеше во Европската комисија како генерален директор  за соседство и преговори за проширување. Пред да стане државен секретар, тој беше шеф на претставништвото на Европската комисија во Шведска. Во 2021 година, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, побара од него да стане негов пратеник за да ги надгледува чувствителните разговори за посредување во Грузија за да се реши политичкиот ќор-сокак меѓу власта и опозицијата. Неговото посредување беше успешно.

Инаку, главен шведски преговарач, кој треба да ја води навигацијата во Брисел е амбасадорот на Стокхолм во ЕУ, Ларс Кристијансен, кариерен дипломат со повеќе од четири децении искуство. Тој беше државен секретар за ЕУ за време на првото шведско претседателство со ЕУ во 2001. Тој е амбасадор на Шведска во ЕУ од 2016 година и е добро упатен во сите настани околу проширувањето, вклучувајќи го ветото на францускиот претседател Емануел Макрон за Македонија во 2019 и барањата на Париз за промена на рамката според која треба да оди натамошниот пристапен процес, како и бугарските блокади на Скопје. Дали тоа ќе помогне проширувањето на ЕУ да се издигне на некое скалило погоре во однос на официјалната програма останува да се види. Ако тоа не се загуби во предизвиците да се зачува обединетиот фронт за поддршка на Украина и особено цените на енергијата.

Министерката за Европа, Џесика Росвол, која неодамна стапи на функцијата (како и целата влада) ќе се обиде да ги поттикне приоритетите на Шведска. Росвол рече дека иако се очекува Шведска да биде непристрасна, ќе има простор „да се стави одреден национален печат на претседателството и да се фокусира на прашања кои се во интерес и на Шведска и на Европа“. (Љ.П.)