Промовирана книгата „Економски политики на Европската Унија“ од Зоран Јолевски


 На Европскиот универзитет во Скопје  денеска се одржа промоција на книгата „Економски политики на Европската унија“ од проф. д-р Зоран Јолевски. Книгата, во издание на Институтот за стратешки иницијативи и политики, ги опфаќа најважните актуелни економски политики на ЕУ и дава пресек на мерките и инструментите на најновата регулатива во оваа област.

Систематската и сеопфатна анализа на економските политики на ЕУ е од особено значање како за македонските бизниси, така и за државните институции, во процесот на подготовка за економска интеграција на Македонија во Единствениот пазар на ЕУ. Воедно, книгата може да послужи како одличен универзитетски учебник за академската јавност.

Како што информира Јолевски во оваа публикација особено внимание е посветено на Европскиот зелен план, кој претставува една од клучните политики на актуелната Европска комисија, кој покрај справувањето со климатските промени има за цел да ја зајакне конурентноста на европската економија на светските пазари. Објаснети се амбициозните цели на ЕУ кои треба да се постигнат во намалувањето на емисијата на стакленичките гасови и енергетската транзиција. Воедно, во поединости се објаснети мерките со кои се стимулира дигитализацијата на европската економија, што е еден од најзначајните приоритети за подобрување на продуктивноста на компаниите.

-Книгата ќе придонесе јавноста подобро да ги разбере економските политики на најдлабоката регионална интеграција во светот. Притоа, овој учебник ќе придонесе идните економисти да се стекнат со неопходните знаења за тоа како се креираат, донесуваат и имплементираат мерките и инструментите на политиките на ЕУ во областа на економијата, порача Јолевски.

Тој во книгата нагласува  дека не постои напредок се’ додека децата не се подобри од нивните родители, учениците од нивните учители, младата генерација од постарата.

Книгата ја промовираше поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник во македонското собрание Антонио Милошоски, кој истакна дека оваа книга може да послужи како задолжително четиво за секој млад дипломат бидејќи на јасен начин е претставено како функционира единствениот пазар на ЕУ кој е основата на сите други секторски политики во ЕУ.

На промоцијата присуствуваа и проф. д-р Ирена Кикеркова од Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, проф. д-р Александра Станковска од Факултетот за економски науки при Европскиот Универзитет во Скопје, како и  бројни претставници од академските кругови, бизнисмени, претставници од стопанските комори и други чинители кои учествуваат во креирањето на економските политики во земјава.