Промовиран каталог на постојана обука на полицајците


 Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, во Полициската академија во Идризово, присуствуваше и се обрати на промоцијата на каталогот за континуирани обуки на Министерството за внатрешни работи, изработен во соработка со Полициската академија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје – соопшти МВР.

Во обраќањето министерот Тошковски истакнал дека каталогот претставува значаен чекор во унапредувањето на професионалниот развој, стручноста и капацитетите на вработените во Министерството за внатрешни работи нагласувајќи дека современите безбедносни предизвици бараат високо обучена, професионална и ефикасна полиција.

– Континуираната обука и усовршувањето на полициските службеници претставуваат еден од нашите најважни приоритети. Каталогот не е само преглед на програмите за обука, туку и стратешка алатка за професионален развој, која ќе придонесе за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на квалитетот на полициското работење и дополнително унапредување на довербата на граѓаните во полицијата – истакна министерот Тошковски.

Тој посочил дека каталогот содржи систематизиран преглед на програмите за обука, развиени во согласност со потребите на полициската служба, современите безбедносни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Обуките се насочени кон развој на стручните, оперативните и лидерските компетенции, со посебен акцент на практичната примена на знаењата, почитувањето на човековите права, професионалниот интегритет и етичките стандарди.

Министерот Тошковски упатил благодарност до Полициската академија и до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за нивната поддршка и придонес во подготовката на каталогот истакнувајќи дека партнерската соработка претставува важен предуслов за изградба на современ и одржлив систем на полициска обука.

Министерството за внатрешни работи, велат од таму, останува цврсто посветено на континуирано инвестирање во знаењето, професионалноста и развојот на своите вработени како основа за изградба на модерна, професионална и доверлива полиција, подготвена успешно да одговори на сите современи безбедносни предизвици.