Промена во Германија: На полицијата ќе ѝ биде дозволено да соборува дронови


Германската влада денес прифати предлог-закон со кој се зголемува надлежноста на федералната полиција, меѓу другото, во одбраната од дронови.

„Предлог-законот ги регулира мерките што федералната полиција може да ги примени во одбраната од дронови“, изјави министерот за внатрешни работи Александар Добриндт (Христијанско-социјална унија CSU) по редовниот состанок на кабинетот.

Што значи „одбрана од дронови“?
Добриндт рече дека терминот „одбрана од дронови“ значи и нивно соборување. „Во иднина, на федералната полиција ќе ѝ биде дозволено да слетува и да соборува дронови“, рече Добриндт. Тој заклучи дека надлежностите на федералната полиција досега не биле доволно дефинирани.

„Со промена на законот, владата реагира на новонастанатата опасност што потекнува од дронови… Федералната полиција ќе може технички да се соочи со опасноста што потекнува од дронови“, рече Добриндт.

Нова опрема
Ова вклучува нова опрема за попречување на контролните сигнали, GPS, како и употреба на електромагнетни бранови. Неодамна, Германија се соочи со неколку случаи на дронови кои се мешаат во воздушниот сообраќај, како и прелетувања на дронови над воено чувствителни области.

Досега не беше јасно во чија одговорност спаѓа одбраната од дронови, со оглед на тоа што германската армија, која е единствената со технички средства, не може, според Уставот, да биде вклучена во акции на внатрешнополитичко ниво.

Употребата на Бундесверот во одбрана од дронови последователно ќе биде регулирана со закон, беше објавено денес по состанокот на кабинетот.

Поголеми овластувања и во протерувањето
Федералната полиција, која е задолжена за безбедноста на надворешните граници и транспортната инфраструктура и центрите, ќе добие и поголеми овластувања во областа на депортацијата на лица кои немаат право да останат во Германија според новиот закон.

Предвидена е и подобра размена на податоци за патниците со авиокомпаниите што работат надвор од границите на Шенген зоната.