Производителите на „ајварка“ бараат државата да застане зад нив, министерот порачува пазарот ја одредува откупната цена

Струмичките производители на „ајварката“со блокада на крстосницата кај село Робово незадоволни од откупната цена на родот


(Фото: Фејсбук Струмица лајв)

Земјоделци од Струмица, производители на пиперка – куртовска капија и денеска протестираа незадоволни од откупната цена на пиперката. Над стотина земјоделци се собраа кај крстосницата за селото Робово, на патот од село Дабиле и село Босилово, возилата поминуваа. Дел од земјоделците беа дојдени со земјоделска механизација, трактори и товарни возила. На протестот имаше поголемо присуство на полицијата, дел го регулираа сообраќајот.  Истовремено, министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, кого земјоделците го повикаа на протестот, одржал состанок со производителите и откупувачите во Струмица. Тој порачал дека државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп.

Земјоделeц на протестот со транспарент ја опиша реалната ситуација во која се наоѓаат производителите на пипер.

„Ви дадов 50 тони црвен пипер, а моите деца јадат сув леб и за леб немаат“, гласаше пораката од струмичкиот земјоделец. 

Земјоделците од Струмичко бараат итно зголемување на откупните цени и истите да важат за целата откупна сезона без еднострано намалување или менување на условите во текот на откупот.

„Прва класа 50 денари, прва – втора класа 40 денари и втора класа 20 денари, како и ограничување на рокот за исплата. Исплатата за предадената роба да се изврши во рок од најмногу 3 месеци од денот на предавањето на производот. Навремена исплата на субвенциите и итна исплата на субвенциите за предаден килограм пипер,  а веднаш потоа и навремена исплата на субвенциите по засадена површина“, рекоа земјоделците, разочарани што министерот за земјоделие Борче Серафимовски не дојде на протестот.

Според земјоделците целта на собирот е мирно и достоинствено да се искаже незадоволството од откупната цена на пиперката – куртовска капија. Цената од 25 денари за пиперка што се откупува за преработувачките капацитети е понижувачка и не ги покрива производствените трошоци.

Земјоделците бараат итен состанок со министерот за земјоделство Борче Серафимовски, во спротивно блокадите ќе продолжат и понатаму, а ќе се протестира и во Струмица. 

Годинава производителите на пиперка имаа два тешки моменти, прво во пролетта нивниот род настрада од поплави, и дополнително од јулскиот силен ветер кој предизвика сериозни штети по нивите и пластениците.

Производителите на „ајварката“ се жалат дека откупувачите ги „отепаа“ со цените.

„Сите велат дека градежниците најмногу страдале од жешкото време, не, страдаме ние земјоделците кои во пластениците сме на температури од 50 – 60 степени. Државата да застане зад земјоделците и фабриките и откупувачите да се замислат дали догодина ќе садеме иста количина пиперка на овие понижувачки цени. Нема да садиме. Производството ќе се намали. Жално е ова, отепан си од работа за 25 денари килограм пипер. Не отепаа со цените. Не уништуваат и климатските услови“, велат земјоделците и бараат Државниот земјоделски инспекторат и сите други надлежни институции да ги контролираат состојбите околу откупот на земјоделските производи вклучително и пиперката – куртовска капија.

Од средбата на Серафимовски со земјоделците и откупувачите

Серафимовски: Бев во Струмица, се сретнав и со земјоделци и со откупувачи 

Министерот за земјоделство Борче Серафимовски денеска објави дека бил во Струмица и одржал средби и со земјоделци и со откупувачи на пиперка – куртовска капија. Производителите на пипер го чекаа на мирниот протест на блокадата кај село Робово.

Министерот вели дека државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп, притоа да не дозволи трудот на земјоделците да остане незаштитен пред пазарната неизвесност.

„Воден од таа одговорност, денеска во Струмица одржав одделни средби со производителите на пиперка и со регистрираните откупувачи – трговци.

Производителите ме запознаа со последиците од временските непогоди, трошоците и откупните цени, а трговците со побарувачката, извозните можности, планираните количини и динамиката на откупот“, објави Серафимовски.

Според министерот Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.

(А.Б.)